Поставената урбана опрема и реквизитите на кејот, такси превозот и концентрацијата на концертите во шпицот на туристичката сезона остануваат и понатаму проблем, истакна советничката Живка Ангелоска на одржаната седница на Совет посветена на советнички прашања упатувајќи прашање до градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков за тоа каква е неговата визија за лето 2025 во Охрид.
Ме интересира вашата визија за лето 2025 и тоа од три аспекти. Прашувам во однос на улицата покрај кејот на Охридско Езеро. Пред една година вие и самиот кажавте дека не ви допаѓа како изгледа и ќе се обидете за сите тие тезги, реквизити, боксови да најдете друга локација, но очигледно не е најдена. Вториот аспект е услугата од такси превозот, за кој кажавте дека сте запознаени со проблемот кој го имаат граѓаните, но сега кога се зголемуваат цените рековте лично ќе се ангажирате во однос на подобрување на квалитетот, пред се да нема селективност во однос на превозот. И ова лето беше крајно тешко да се најде такси превоз, а селективноста беше на највисоко ниво. Дури и тие такси компании кои сакаа чесно да ја вршат работата очигледно не можеа да го фатат редот од останатите, а сето тоа на сметка на граѓаните кои цела година ги користат нивните услуги, но и на туристите, рече Ангелоска.
Посочи дека третиот аспект во однос на визијата на градоначалникот за лето 2025 се концентрацијата на концертите кои секоја година се одржуваат во шпицот на сезоната.
Сигурно добро се сеќавате за критиките во претходниот состав од страна и ваша и на вашата советничка група кога одржувавме и вонредни седници и кога баравме разредување на концертите и да не се случува се во шпицот на сезоната, затоа што треба да правиме напори да се продолжи туристичката сезона од една страна, а од друга страна овој град ни безбедносно ни инфраструктурно може да ги издржи и да ги прати концертите, додаде Ангелоска.
Градоначалникот Кирил Пецаков посочи дека одржувањето на итна седница која била идеја на самиот тогашен градоначалник ја поддржале бидејќи станувало збор за перидот од 15 јули до 15 август да не може да учествува локалната со субвенционирање на концертите.
Ние не ги организираме тие концерти и неможеме ништо друго да направиме во тој поглед освен да не издаваме простор за одржување на истите. Имаме како локална самоуправа настани кои ги финансираме и реализираме и привлекуваат добра посетеност и ги правиме во два различни периоди. Започнуваме со Вино фестот и завршуваме со Ohrid water festival и Џез фестивалот. Како локална не ги организираме концертите околу 2-ри Август и ова е нешто што се случува години наназад зошто Охрид е тогаш најпосетен. Не гледаме друг начин за селекција во поглед на одржување на концертите освен да не издаваме термини на продукции и да кажеме дека Охрид ќе биде град без концерти. Единствена работа или решение е ако предлагате да не се издаваат просторите на Општина Охрид на тие датуми.
Потенцираше дека преку издавањето на стадионот за концерти, спортски турнири и припреми ЈП Билјанини Извори има инкасирано средства со кои ги покрива трошоците за три или четири плати во годината на вработените и имаме функционално претпријатие кое нема потреба од субвенции од општината.
Зголемениот број посетители во тој период се проблем за нормално функционирање на градот. Тоа е реалноста која не е од сега настаната. Дека нешто треба да се смени е во ред. Но, проблемот е што се знае кога е шпицот на сезоната во Охрид. Продукциите велат дека носат луѓе јас, велам дека тие ги користат луѓето во шпицот. Ако е потребно ќе направиме дебата со сите засегнати страни и ако се произнесеме дека не треба да издаваме простори нема да издаваме.
Во поглед на проблемот со такси превозот, Пецаков, посочи дека биле спроведени двапати засилени контроли и со пазарната инспекција и со Управата за јавни приходи, истакнувајќи дека има и доста постапки од страна на инспекторите.
Очигледно за таксистите овие казни и скоро како ништо да значат, зошто го чувствуваат како период кога печалат пари кои во текот на годината не можат да ги спечалат. И сето тоа е на грбот на граѓаните на Охрид и туристите. Огромен проблем е на градот и претставува грда слика и тоа е нешто за што треба да поработиме, иако казните и постапките кои самата локална и инспекторите ги прават не им значат ништо. Во поглед на безбедносниот аспект и покрај сето тоа што се случува долги години наназад летниот период Охрид го поминува во мир со нормални исклучоци кои ги имаме секојдневно.
Пецаков потенцираше и дека урбаната опрема како куќарките за храна и за сувенири, делот со боксови и игри кои младите може да се забавуваат е концепт кој е воведен во одредена година.
И кога не постоел тој концепт на унифицирани куќарки во Охрид постоела урбана опрема за храна. Концептот на унифицирани куќарки е воведен во одредена година. Постои ваков концепт на street food во поголемите градови низ светот во текот на целата година, а кај нас е проблем тоа што го има само два- три месеци. Ако мислите дека постои соодветен начин за да најдеме начин да се распределат треба да размислиме. Може ќе пронајдеме друг концепт. Но, реално треба да размислиме се направил концептот да биде дел од туристичката понуда, 50-60 фамилии заработуваат во летниот период. Од издавањето на урбаната опрема приход има и ЈП Градски Пазар. Може во наредниот месец дена да поразговараме и да ги опфатиме сите аспекти и да донесеме некоја заедничка перспектива што понатаму околу сите претходно наведени работи, заклучи Пецаков.
Н.С.Ј.