Врховниот суд во Чиле пресудил дека еден дневен весник мора да плати оштета од 125 илјади долари на 13 лица, кои на основа на рецептот објавен во весникот, се обиделе да направат популарно јадење од тесто и притоа се здобиле со изгореници. На основа на таа правосудна одлука, издавачот на весникот Ла Терчера е должен да плати поединечни оштети кои се движат од 279 до 48 илјади долари, колку што ќе добие една жена која се здобила со изгореници опасни по живот.

Со одлуката на врховниот суд, бил завршен седумгодишниот судски спор кој против весникот го поднеле луѓето кои настрадале во обидот да го подготват јадењето. Во образложението на пресудата било наведено дека издавачот е виновен бидејќи објавил рецепт без проверка на истиот. Вештаците утврдиле дека со придржувањето кон рецептот морало да дојде до помала експлозија и прскање на врело масло кон оние кои го припремале.