Еден трговски патник во Австралија, кој од врата до врата нудел договори за приклучување на гас, казнет е со 60 илјади австралиски долари бидејќи го занемарил знакот „не тропајте“ на влезот од една куќа. Според локалните медиуми, иако изречена на трговецот, казната ќе мора да ја плати компанијата која го вработува.
Сојузниот суд им наложил на претпријатието за дистрибуција на гас AGL и маркетинг фирмата CPM да платат 60 илјади долари оштета поради инцидентот кој се случил во ноември 2011 во Аделаида, на југот од земјата. Во образложението на судот било истакнато дека знакот бил ставен на вратата и на него имало слика на шака која тропа на вратата и натпис „Не тропајте. Трговските патници овде не се добредојдени“. Од судот навеле дека трговскиот патник сепат тропнал на вратата и се обидел да склучи договор.