Сите јавни институции кои нема да обезбедат пристап до информации од јавен карактер ќе бидат казнети со глоба од 1.000 до 1.500 евра. Ова се предвидува со измените на Законот за пристап до информации од јавен карактер кој е во Собраниска процедура.

– Со измените во овој Закон ќе се прецизира дека информација од јавен карактер е и онаа со која располага имателот, согласно со неговите надлежности, иако тој лично не ја создал. Исто така со измените ќе се воведе и задолжителност во спроведување на постапката “тест на штетност”, со која имателот ќе мора да ги провери последиците од објавување на информацијата, пред да го одбие пристапот до истата, се вели во соопштението на Министерството за Правда.

Законот за пристап до информации од јавен карактер е донесен во 2006 година и со него се уредуваат условите, начинот и постапката со која се остварува правото на слободен пристап до информации, со кој располагаат државните органи, општините и јавните буџетски установи.

Пристап до информации од јавен карактер, можат да побараат сите правни и физички лица. Барањето можат да го поднесат усно или писмено. Имателот на информацијата е должен веднаш, а најдоцна до 30 дена од поднесување на барањето да даде одговор на истото. Доколку барателот на информацијата не е задоволен од одговорот, може да поденсе жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, во рок од осум дена, се објаснува во членовите на Законот за пристап до информации од јавен карактер.

Одбивање на барање за слободен пристап до информации е можно ако станува збор за класифицирана информација со соодветен степен на тајност, доколку е личен податок чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци, ако е доверлива информација или повредува доверливост на даночна постапка, ако се однесува на комерцијални и други економски интереси или ако нејзиното давање е штетно за животната средина.

                                            Е.Е.