„Кажи ДА за добра книга“ е насловена Втората меѓународна конференција во рамки на проектот „Млади европски приказни“ што ја организира „Чудна шума“.
На конференцијата која се одржува од денес до 12 септември во Охрид, издавачите ќе споделат искуства од својата работа и предизвиците со кои се соочуваат помалите, квалитетни и некомерцијални издавачи во Европа и пошироко, како и потребата за вмрежување, заедничка соработка и можностите за проширување на соработката во иднина.
Посебен акцент ќе се стави на можностите за превод на квалитетни дела од помали јазици на поголемите книжевни пазари, како Германија, Италија, Франција, Шпанија, Велика Британија.
Учесници на конференцијата, покрај „Чудна шума“, се партнерите-издавачи од проектот „Мителдојчер ферлаг“ од Германија, „Ибис графика“ од Хрватска, „Одисеја“ од Србија и издавачката куќа „Гаврош“ од Македонија.
Млади европски приказни е тригодишен проект за превод, објавување и промоција на европски книжевни дела за деца и млади.
Во рамки на проектот ќе бидат преведени и објавени 14 книжевни дела за млади читатели од различни возрасти, од деца од предучилишна возраст, па сѐ до тинејџери од 16 до 19 години.
Книгите се преведуваат од холандски, унгарски, хрватски, германски, норвешки, шведски, словенечки, турски и романски на македонски, како и од македонски на хрватски и германски
Дел од книгите кои се објавени досега во рамки на проектот се сликовниците „Каде е мојот дом“ од Сезен Аксу Ташјурек, „Мојата бабичка не знае која сум“ на Ива Безиновиќ-Хејдон, „Овде, во близина, живее едно девојче“ на Ида Млакар Чрнич, „Беззборовната Ела“ на Викторија Патрашку, илустрираната книга за деца „Деветтиот живот на принцот на мачките“ на Дора Гимеши, романот за деца „Куќа без огледала“ на Мортен Санден, романот за млади „Големата црна птица“ на Штефани Хефлер, илустрираниот роман за деца на Билјана С. Црвенковска со илустрации на Нита Муча „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“.
Во подготовка за печат се и книгите за млади „За младоста“ на норвешката авторка Лин Скобер со илустрации на Лиса Аисато (превод на Искра Бадева) и „Денови на Блуграс-љубов“ на холандскиот автор Едвард ван де Вендел (превод на Ели Пујовска).
OhridNews
фото. МИА