Најавената изградба на нова станбена зграда во парк на булеварот „Туристичка“ кој е приватен имот, во таканаречената населба „Карпош 5“, ги „скара“ станарите од околните згради и идните комшии. Тие повеќе од 4 години се спорат пред надлежните институции, кои неодамна на сопствениците на оваа катастарска парцела им издадоа одобрение за градба со клаузула – конечно.

Жителите од околните згради минатата недела преку протест изразија незадоволство од таквиот расплет. Белинда Андоноска, член на Куќен совет на една од околните згради, вели дека сегашните сопственици на парцелата каде согласно одобрението за градба е предвидена зграда на пет ката и потпокрив, во 2003 година извршиле, според нив, нелегална трансформација на земјиштето. Таа посочува дека во седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век за потребите на реализација на Деталниот урбанистики план и изградба на станбена населба било експроприирано земјиштето од тогашните сопственици, за што тие согласно договорите кои ги потпишале со општината добиле паричен надомест, како и градежни парцели и станови во зградите кои подоцна се изградиле тука.

-Наследниците во 1997 година покренале тужба против општина Охрид незадоволни со износот на добиените средства од експропријацијата. Таа се одолговлекувала до 2015 година, кога Апелациониот суд во Битола носи одлука да им се доисплати отштета за 309 квадрати. Кога нешто ќе се исплати со земјиштето треба да стопанисува тој што го платил, а тоа е Република Македонија, односно општина Охрид. Ова земјиште треба да е сопственост на државата, а не градот да носи вакви одобренија за градба и повторно на истите лица. Ако еднаш се обештетиле во 70-80те години, ако им се дале станови, ако со пресуда е пресудено дека 309 квадрати се недоплатени и ако им се платиле, кој треба да е сопственик? До кога оваа парцела ќе биде предмет на заврзлами, односно нерешени имотно правни односи. – вели Белинда Андоноска.

Таа истакна дека жителите од околните згради ќе ја продолжат правната битка, но очекуваат институциите, пред се општината да го заштити својот имот, а не да се прогласува за ненадлежна , како што се изјаснила во пет наврати, дотолку повеќе што во последното решение по жалба, министерот за транспорт и врски укажал дека истата е надлежна да одговори на барањата на жителите.

-Ова земјиште треба да се врати на државата, а одобрението за градба да се прогласи за ништовно. Ова ќе биде вака ако во државата профункционира правниот систем и ако се почитуваат законите. Општината треба да го уважи нашето барање и да го поништи решението за трансформација на 2723 метри квадратни во сопственост на лицата кои треба да ја градат зградата.– додава Андоноска.

Сопствениците на приватниот имот каде треба да се гради новата зграда, ги отфрлаат ваквите обвинувањат за кои велат дека се тенденциозни, невистинити и без докази, со што жителите од околните згради се доведени во заблуда. Поради тоа тие, исто така, ќе поведат постапка за заштита на своите права.

-Земјиштето е во наша сопственост, и е купено во 1956 година. Во време на експроријацијата одземен ни е имот парцијално, колку што и требало на државата за да се оформат парцелите за реализација на урбанистичкиот план. Од остатоците на тоа земјиште, кое никогаш не било на Република Македонија, туку наш приватен имот, во една законска постапка се вцрта локација за изградба на објект. – објаснува Илија Цветкоски, еден од сопствениците на имотот каде треба да се гради новата зграда.

Тој вели дека сопствениците на имотот со години биле жртви на манипулации, опструкции но и на притисок од одредени центри на моќ, кои, како што рече, наместо законот, спроведувале нечии лични желби. А, дека во случајот се било според законот, според него, потврдува одлуката на Јавното обвинителство од 2015 година, кое ја одбило поднесената кривичната пријава од Куќен совет со обвинение за фалсификување исправи и барање за поништување на сопственоста на градежното земјиште, за што инаку не била поднесена жалба.

-ОЈО побарало 4 вештачења, во кои е констатирано дека сопствениците на катастарската парцела на која ќе се гради објектот не направиле ништо што претставува кривична одговорност со постапката за трансформација. Исто така и одлуката на општина Охрид при донесување на одобрението за градба се водела по закон. Во записникот од постапката во кој согласно закон извршивме увид, како доказ се приложени незаверени копии со кои се маниулира со државните и општинските органи. Не држат тврдењата дека не функционираат институциите, напротив, тие си ја знаат работата и крајно време е правната држава да почне да функционира. Доколку не бидат доставени потребните докази во оригинал или заверена копија, како што налага законот, тогаш тоа е случај за Јавното обвинитество. – додава Цветкоски, кој пред медиумите ја презентираше  документација за сопственоста и движењето на имотот и добиените решенија од надлежните институции.

Во однос на оформувањето на градежната парцела, Цветкоски објаснува дека сопствениците на имотот откупиле земјиште од државата, но само 15 квадрати по цена од 16.800 денари по метар квадратен, а не по едно евро. Тој вели дека нема ништо спорно во одлуката на општината на нивни приватен имот да даде дозвола за изградба на зграда, додавајќи дека Уставниот суд во 2011 година ја отфрлил иницијативата за оценување на законитоста на донесениот ДУП каде е посточката локација.

-Во 2014 година уплатени се сите комуналии во висина од околу 100 000 евра, а ние се уште не сме отпочнале со градба од причини што некој се служеше со моќ. Во 2017 година добивме одобрение за градење. Од Куќен совет беше поднесена жалба до второстепена комисија, која ја одби како неоснована и согласно законот за градење одобрението доби клаузила конечност. Пред отпочнување на градба согласно закон побаравме одобрение за подготвителни работи, кое го поседуваме. После сите потребни и предвидени документи со закон, а обезбедени од наша страна, што требаше градоначалникот да не ни издаде решение? – додава Цветкоски.

Жителите од околните згради, пак, стравуваат дека со изградбата на новиот објект ќе се намали светлината и провевот, но и квалитетот на живеењето во населбата, а последици ќе има и по идното планирање на развојот на градот бидејќи булеварот „Туристичка“ е главна сообраќајна артерија на Охрид. Сопствениците на имоти велат дека до тоа нема да дојде бидејќи при проектирањето на новата зграда земени се предвид сите аспекти, а таа ќе се гради согласно стандардите и на површина значително помала од парцелата која е нивна приватна сопственост повеќе од шест децении.

OhridNews