Забрана за настап од три натпревари и парична казна во износ од 100.000 фунти му изрече вечерва Англиската фудбалска федерација (ФА) на напаѓачот на Манчестер јунајтед, Едисон Кавани, за дискриминаторско поведение на социјалните мрежи.

Казната за Кавани се однесува на порака што Уругваецот ја објави на Инстаграм на крајот од ноември, по триумфот на Манчестер јунајтед над Саутемптон од 3:2.

Навивач на Јунјатед по триумфот му се обрати на Кавани со порака на социјалните мрежи „Многу те сакам, Матадор“ испишана на шпански јазик, на што уругвајскиот напаѓач возврати со пост „Gracias negrito“, што во буквален превод од шпански јазик значи „Фала црнче“.

ФА го прогласи напаѓачот на Јунајтед виновен за користење навредлив и непристоен речник ,поради што Кавани ќе го пропушти утрешниот меч против Астон Вила, како и полуфиналето на Карабао купот против Манчестер сити и мечот од третото коло во ФА купот против Ватфорд.

Наполи и Милик одат на суд 

Сагата меѓу Наполи и Аркадиуш Милик е на пат да заврши на суд, објави италијанскиот весник Coriere dello Sport. Според истиот извор, италијанскиот прволигаш ќе бара по судски пат да наплати еден милион евра од полскиот напаѓач, поради наводно нарушување на клупскиот имиџ преку кршење на одредби од договорот, што Милик го потпиша со Наполи во 2016 година.

Од друга страна, Милик е подготвен по судски пат да издејствува Наполи да му ги намири обврските околу неисплатени примања.

Несогласувањата меѓу Наполи и Милик почнаа, откако 26-ет годишниот полскиот напаѓач одби неодамна да го продолжи договорот и идното лето може да го напушти клубот без обештетување. Во меѓувреме, раководството на Наполи му го „замрзна“ статусот и Полјакот веќе не е во плановите на тренерот Џенаро Гатузо.

Милик дојде во Наполи од Ајакс за 35 милиони евра.

OhridNews