Според Грегоријанскиот календар денеска е Велигден – Воскресение Христово. По тој повод во сите католички храмови во светот се одржа полноќна миса. Велигденска миса се одржа и во католичката црква  „Св. Бенедикт и Св. Кирил и Св.Методиј“ во Охрид.

По повод Велигден празнична честитка до католичките верници во земјава упати Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх, Киро Стојанов:

– Браќа и сестри, Велигден е, празник кој е врв на сите празнувања во црковната година. Таинството на човековото спасение е централно таинство на човековата историја. Сите се среќаваме со границата на човековата егзистенција која се појавува за нас по непознат пат и која исчезнува не по наша желба. Така човекот останува загатка за себе и другите. Исто така, прашањето, не само за животот, туку и проблемот на злото во светот и тешкотиите кои судбински не пратат, остануваат без одговор со кој би се исполнил човекот. Затоа човекот во наше време бега во две крајности: едната е религиски фундаментализам, каде се избегнува „да се прави за верата и според верата“, туку се препушта на Бога и Божественоста. Другата крајност е: да се живее како Бог да го нема. Едниот и другиот став води во атеизам. Сепак, човек без Бога нема смисла и не може да живее како да го нема.

Изворот на сите зла не е во природата туку се раѓа во човековото срце. Тоа што Велигден го славиме е факт дека тој грешен човек, како најубаво Божјо создание од гревот ослободен и спасен е повикан на нов живот. Новиот живот е промена на срцата, а не само на ставовите. Велигден го води погледот на човекот кон воплотениот Син Божји, кој стана човек, кого човечката злоба го доведе до трагичната смрт на крстот, но воскреснат е во тело кое не е потчинето на нашите физички закони и со тоа е поставен темел за секој верник и човек со добра волја дека димензијата на животот е отворена кон бесконечното блаженство.

На сите оние кои размислуваат за тајната на животот и смртта сакам да им порачам дека смртта е победена, а со тоа и злото по Исус Христос Воскреснатиот господар на историјата. Нека во тие мисли ви биде среќен и благословен празникот на Христовото Воскресение. Христос Воскресе!, се вели во велигденската честитка на бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов.

OhridNews