Католичците денеска го слават раѓањето Христово – Божик. По тој повод насекаде низ светот се одржуваат полноќни миси во слава на Спасителот, а традиционално главната церемонија се одржува во Рим каде богослужеше Папата Бенедикт XVI.
Католички Божик се слави и во Македонија. По повод големиот празник честитка до верниците од католичка вероисповед упати бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов:
– Живееме во општество во кое животот е едно од најголемите богатства, претпоставка и темел на сите други вредности. Светата божикна ноќ, божикниот ден и божикното време е милосен дар на средбата со живиот Бог во малото дете. Неизмерната Божја љубов и неискажливата Божја доброта, остварени со воплотението на Божјиот Син, за сите нас се непресушлив извор во делотворната Божја љубов, доброта, радост и мир. Со тие мисли на сите вас, почитувани верници и на секој човек со добра волја, од сесрце ви го честитам празникот на Христовото раѓање – Божик. Христос се роди – Славете Го! – се вели во божикната честитка на бискупот Киро Стојанов.
По повод Божик празнична миса се одржа и во катедралната црква во Охрид.