Католичците денеска го слават раѓањето Христово – Божик. По тој повод насекаде низ светот се одржуваат полноќни миси во слава на Спасителот, а традиционално главната церемонија се одржува во Рим каде богослужи Папата Бенедикт XVI.
Католички Божик се слави и во Македонија. По повод големиот празник честитка до верниците од католичка вероисповед упати бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов:
– Радоста и надежта што овие денови не исполнуваат и што самите си го посакуваме, да го посакаме и на другите. Таквиот живот нека биде препознатлив во секој од нас за да можеме како луѓе да кажеме: Не плаши се Христос се роди! Тоа значи не со револуција и ветување да се менува светот, туку со светлината која Христос ја донесе во нашите срца. Токму таа светлина да ја запалиме во нас. Таа светлина радост и надеж, ја посакувам на сите верници и на сите луѓе со добра волја. Честит празник Рождество Христово, Христос се роди. – се вели во божикната честитка на бискупот Киро Стојанов.