Католичците денеска го слават раѓањето Христово – Божик. По тој повод насекаде низ светот се одржуваат полноќни миси во слава на Спасителот, а традиционално главната церемонија се одржува во Рим каде богослужеше Папата Бенедикт ХVI.
Католички Божик се слави и во Македонија. По повод големиот празник честитка до верниците од католичка вероисповед упати бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов:
– Светот не е гладен само за леб, туку далеку повеќе за љубов и чиста совест, тоа го носи Исус со своето раѓање и денес ни го дарува тоа доколку допуштиме и оваа година Витлеем се случи во нас. Посакувам на сите верници Католици, на сите браќа и сестри од други цркви, како и на сите луѓе со добра воља Исус да биде Ваш и наш гостин на овој Божик. Нека се роди во сите нас и ни донесе божја мир. Христос се роди!.- се вели во божикната честитка на бискупот Киро Стојанов.
По повод Божик празнична миса се одржа и во катедралната црква во Охрид.