Со овој празник го славиме раѓањето на Синот Божји, неговото доаѓање на земјата и љубовта која го принудила да го земе човековото тело, да ги живее на земјата сите несреќи на човековата судбина и да го даде својот живот за нас. Затоа човечкиот род го слави Божик веќе со векови. Секој ден со нас и по нас, расте бројот на оние кои молат и пеат: “Слава му на Господ за мирот на луѓето со добра волја на земјата”. Среќен Божик!!!

Католичците денеска го слават раѓањето Христово – Божик. По тој повод насекаде низ светот  се одржуваат полноќни миси во слава на Спасителот.

Католички Божик се слави и во Македонија. По повод големиот празник честитка до верниците од католичка вероисповед упати бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов:

-На Божик најголемата вредност е кога Бог е присутен во човекот. Затоа вам драги верници, но и на вас почитувани со добра волја Ви посакувам неизбежна средба со Исус Христос кој токму на овој Божик за вас има утешна порака и охрабрување: Не бој се јас сум со тебе, јас сум за тебе засекогаш да останеш човек и од внатре бидеш збогатен со вредностите на духот и со вечната порака твојот живот да ја следи мојата љубов и мојот благослов.

Љубов, мир и милосрдие со сите вас кои го славите и кои ја почитувате желбата и овој Божик да станеме подобри луѓе и подобри христијани. Мир со вас – Честит празник Рождество Христово! Христос се роди!,  се вели во божикната честитка на бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов

По повод Божик празнична миса се одржа и во катедралната црква во Охрид.

OhridNews