Католичките верници и дел од православните христијани кои времето го сметаат по Грегоријанскиот календар денеска го слават Бадник, во пресрет на Божик, раѓањето на Исус Христос.
Во државава централната прослава по повод празникот ќе се одржи денеска во 18 часот во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. Светата божикна литургија ќе ја предводи бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов.
Од Скопската бискупија информираа дека на литургијата во црквата ќе биде дозволено присуство на помал број верници во однос на изминатите години согласно протоколите за заштита од Ковид-19. Исто така, како што посочија, пред црквата ќе биде поставено озвучување, а ќе има и видео бим.
Божик утре го слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква кои го прифатија Грегоријанскиот календар.
Преостанатиот православен свет кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Руската, Српската и Македонската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и дел од монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари.
OhridNews