Намалување на уличното осветлување и исклучување на светлата во три часот наутро на археолошките локалитети и историските споменици, предвидува планот на грчката Влада за намалување на потрошувачката на електрична енергија според „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.
Весникот, пишува дека грчката Влада подготвува „СОС план“ за доброволно и/или задолжително намалување на потрошувачката на природен гас и електрична енергија на сите нивоа: станбени потрошувачи, индустрија, општини и јавна инфраструктура.
По враќањето од летните одмори во август, граѓаните не треба да се изненадат ако улиците во нивните населби не се толку светли како претходно или фонтаните не работат, а светилката на археолошките локалитети и споменици се изгасени, пишува „Катимерини“.
Додава дека пред да биде побарано од граѓаните „да го прилагодат термостатот и да ја ограничат употребата на уреди што трошат енергија“, општините веќе ќе имаат почнато со спроведување на планот, односно отстранување на една од десет светилки од уличното осветлување, но и исклучување на светлата во три часот наутро на сите историски споменици.
Отстранувањето на една светилка на секои десет или повеќе, во зависност од брзата студија што ќе ја направи секоја општина, заедно со намалувањето на часовите во ноќното снабдување со електрична енергија од декоративни причини или истакнувањето на археолошките локалитети, може да ја намали потрошувачката за 30отсто, вели за „Катимерини“ министерот за животна средина и енергија на Грција Костас Скрекас.
Потенцира дека во изминатите 50 години немало енергетска криза со ваков интензитет и сложеност и затоа реакциите треба да бидат соодветни.
Посочува дека прилагодувањето на термостатот во системите за климатизација и греење и „паметно“ користење на електрични апарати што трошат енергија „треба да станат дел од секојдневието на граѓаните за да се намали потрошувачката“, а не ја исклучува можноста за задолжително намалување на потрошувачката на домаќинствата, преку наизменични прекини на струја.
OhridNews