-Во зависност од тоа колку соби има станоиздавачот ќе се наплаќа паушал за создавање вишок смет, а најголемата сума ќе изнесува 3000 денари еднократно годишно.- вели Рамиз Мерко, градоначалник на Струга.
Одлуката што локалната самоуправа ја достави до Советот на Општината се однесува на физичките лица, додека одлагањето на сметот кај правните лица, односно хотелите и угостителските објекти се регулира со посебен договор, појаснува градоначалникот Мерко.
Со предлогот за наплата на паушал за вишокот смет на приватните станоиздавачи не се согласуваат членовите на Комисијата за финасии при Советот, кои укажуваат дека мерката е неспроведлива во пракса, затоа што општината нема извршено категоризација на станоиздавачите, а јавното комунално претпријатие нема соодветна евиденција кој од граѓаните врши дејност сместување на туристи. Тие посочуваат дека наместо од секторот за туризам евиденцијата кој издава соби за туристи во Струга ја вршат инкасаторите на јавните претпријатија, а општината не соопштува ниту колку средства прибира од туристичка такса. Одговор на ова прашање нема ниту градоначалникот на Струга, кој најави дека локалната самоуправа ќе изготви таква информација, како и дека до крајот на годината ќе биде завршена категоризацијата на приватните станоиздавачи.