Според последните информации, поплавите кои во четвртокот го зафатија североистокот на Бугарија, досега ги однесоа на животите на 12 лица, а најмалку тројца се водат како исчезнати. Најкритична е состојбата во општините Варна, Добрич и Велико Трново, соопштиле од бугарското Министерство за внатрешни работи, пренесува агенција Фокус.

И во трите општини работат сите достапни пожарникари и спасувачи, а во периодот од 9 до 12 часот во петокот, единиците за „Заштита од пожар и заштита на населението” реагирале на 336 повици за несреќи, од кои 13 пожари и извршиле 320 спасувачки акции.

 

Во Варна е прогласена вонредна состојба, а помеѓу селата Водица и Засмејано е преплавен мостот кој ги поврзува двете населени места.

Во Добрич пак, работат 8 противпожарни и спасувачки екипи и е извршена евакуација на загрозените лица. Потврдена е информацијата и за еден загинат во оваа општина, пренесуваат бугарските медиуми.

На територијата на општините Велико Трново, Килифарево и Дебелец е прогласена вонредна состојба, при што биле поплавени куќи и индустриски објекти. Вонредна состојба е прогласена уште во општина Горна Орјаховица и селото Првомајци.

OhridNews

Извор: Макфакс