Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во март 2020 година, кога почна здравствената криза предизвикана од коронавирусот Ковид 19, во однос на март 2019 година, е намален за 67.3 %, а бројот на ноќевањата е намален за 62.8 %. Или во бројки, во март 2020 година земјава ја посетиле 17 943 туристи, кои оствариле 41 948 ноќевања.
Бројот на домашните туристи во март 2020 година, во однос на март 2019 година, е намален за 60.5 %, а бројот на странските туристи е намален за 70.4 %.
Бројот на ноќевањата на домашните туристи во март 2020 година, во однос на март 2019 година, е намален за 50.3 %, а бројот на ноќевањата на странските туристи е намален за 69.6 %.
Во периодот јануари – март 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е намален за 18.3 %, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 17.2 %, а кај странските има намалување за 18.9 %.
Во периодот јануари – март 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е намален за 19.7 %, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 15.1 %, а кај странските има намалување за 22.9 %.
Туристичко – угостителскиот сектор е најпогоден од кризата предизвикана од коронавирусот Ковид 19. Втор месец сместувачките капацитети и угостителските објекти се под клуч или работат со лимитирани ресурси во согласност со здравствените прописи.
Иако се најавуваше, засега нема ништо од постепено отварање на угостителските објекти. Комисијата за заразни болести најави дека внимателно ќе ги следи состојбите, од што ќе зависи олабавувањето на мерките, кое ќе оди постепено во различни сфери.
Г. М.