Многу не престојувам во Македонија и не знам што точно се случува таму, но сум сигурен во тоа, дека доколку претседателот на ФФМ, Харалампие Хаџи Ристески си замине, си одам и јас. Потполно го подржувам Хаџиристески и ако тој си отиде, ме нема и мене, тоа е сигурно, изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Среќко Катанец, во интервју за хрватскиот интернет портал Index.hr.

Index.hr пренесува дека состојбата во мак-фудбалот ни оддалеку не е идилична како пред половина година кога и покрај поразот во Скопје потполно ја надигравме Англија на која и откинавме и два бода на Олд Трафорд во Манчестер. Хрватскиот интернет портал наведува дека опозицијата предводена од Дарко Панчев, Васил Рингов и Кочо Димитроски сака да го сруши актуелниот претседател на ФФМ, Хаџиристески.


Ако Хари си оди, заминувам и јас – Катанец

Хаџиристески за да ја избегне нервозата на 17 март во Струга закажа изборно Собрание на кое ќе се гласа за негова доверба, по што ќе се знае дали ќе има или не промени во ФФМ, пишува Index.hr. Сето тоа ќе се случува на само осум дена пред квалификацискиот натпревар помеѓу Хрватска и Македонија што ќе се игра на Максимир, констатира Index.hr. Во интервјуто за  популарниот хрватски интернет портал, Катанец ги потврдува  новинарските пишувања во Македонија дека доколку Харалампие Хаџи Ристески не биде реизбран за престедател на ФФМ, тој ќе си замине од селекторската позиција.

Во интервјуто Катанец зборува за квалификацискиот циклус и учинокот на македонската репрезентација, од што тој е задоволен. На прашањето дали Македонија може да изненади во Загреб, Катанец одговара дека тоа ќе биде тежок и неизвесен дуел и дека Македонја има  големи шанси да го повтори успехот од гостувањето во Англија. Хрватска е непоразена со години дома, а Максимир ќе биде полн, но тоа е само дополнителен мотив да одиграме добро во Загреб вели во интервјуто за Index.hr, Среќко Катанец. На провокативното прашање дали сака да и се освети на Хрватска, Катанец, уште еднаш повтори дека нема причина да им се свети на коцкестите, иако како и Словенците, така и ние не би имале ништо против доколку евентуалниот успех на репрезентацијата на Македонија биде така сфатен во Хрватска.

Г. Момироски