„Хрватска е дванаесетта репрезентација во светот и нема загубено со години дома, што е за респект. Ние во Загреб ќе ја играме нашата игра и доколку успееме во тоа ќе биде интересен натпревар“, смета селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Среќко Катанец.

На средбата со новинарите Катанец информираше дека подготовките на репрезентацијата течат во најдобар ред, здравствениот билтен на репрезентативците кои се во Охрид е добар. Единствено неповолни се временските услови, но времето е лошо и во Хрватска рече Катанец.

Катанец рече дека отсуството на Игор Митрески  во одбраната нема да го наруши концептот на играта во одбраната. Тој не сакаше да ги коментира последните слушувања во федерацијата, а рабирливо не откри ни со каква тактика ке настапиме во нападот. „Не битно колку напаѓачи имате битно е дали играте или не офанзивно“, вели Катанец. Според него нема тајни и изненадувања во двете репрезентации. Како што тие знаат се` за нас така и ние знаеме се` за нив. „Подготвени сме на се`, можат да играат и со три шпица во нападот ако сакаат ќе одговориме и на тоа. Хрватска во натпреварот со Македонија ќе се однесува поинаку и очекувам да тргне поофанзивно и напаѓачки и тука ја гледам нашата шанса за успех во натпреварот„, рече Катанец.

Тој вели дека му годат комплиментите од Билиќ, но тоа не значи ништо бидејќи како што рече играчите, а не селекторите добиваат натпревари.


Пандев и Николовски на денешниот press

Нашиот најдобар играч, напаѓачот на Лацио, Горан Пандев изјави дека атмосферата во екипата е одлична, изрази надеж дека Македонија од Загреб ќе се врати непоразена. На прашањето што мисли за потценувачките изјави од Дарко Панчев, дадени во некои хрватски медиуми, дека „Хрватска е многу поквалитетна и ако ја „спушти“ топката многу лесно ќе го добие натпреварот“, Пандев изјави:

„Го почитувам Панчев како фудбалер како и неговите достигнувања, но ние иако сме млада репрезентација имаме свои квалитети кои ќе ги докажеме на теренот“.

Македонската фудбалска репрезентација во Охрид ги продолжува подготовките пред претстојниот натпревар од квалификациите за пласман на ЕП 2008. Денеска репрезентацијата ќе тренира само попладне, а во петок наутро со чартер лет од Охрид екипата заминува за Загреб каде на Максимир во сабота во 20:15 го играме натпреварот со Хрватска.

Г. Момироски
С. Костоски