Без победник 1-1 заврши последната контрола пред продолжување на квалификацискиот циклус за  пласман на Мундијалот. Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Среќко Катанец им даде шанса на сите повикани играчи, но она што го виде му донесе многу грижи. Доколку сега би играле против Холандија би бил загрижен, рече словенечкиот стратег.

Очигледно дека повеќето од репрезентативците не се физички и тактичко-технички подготвени бидејќи поголемиот дел од нив не игра натпревари. Се почувствува дури и кај Шумуликоски дека пропуштил неколку средби, потоа Трајанов кој знае да биде многу посигурен. Сепак и во таква ситуација мислам дека одигравме добро. Имавме иницијатива во текот на целиот натпревар, создававме шанси, не му дозволивме на противникот да се наметне во ниту еден момент иако се претставија како екипа со голема желба за резултат.

Словенецот е задоволен од темпото на игра во вториот дел кога пресингот дал резултат но падот на концентрацијата не дозволил да се радуваме на крајот.

– Ова беше добар тест за играчите кои првпат добија шанса како Шиков и Демири кои оставија добар впечаток.

Наредниот натпревар Македонија овајпат квалификациски ќе го игра на 1 април против Холандија.

М.Постоловски