– Поднесов оставка на функцијата не поради поразот од Холандија, бидејќи според моментниот квалитет и состојбата во нашиот тим на физички план „лалињата“ беа апсолутен фаворит, туку поради нарушената дисциплина и специфичниот однос на дел од фудбалерите со медиумите.
Инцидентот помеѓу лидерот на тимот Пандев и селекторот Катанец се покажа како непремостилива пречка во продолжувањето на соработката.
– Навистина е несфатливо како еден мал инцидент се рефлектираше негативно во базата во Сустендајн и придонесе до „поделба“ меѓу репрезентативците кои почнаа да „истражуваат“ кој експресно ја пласираше информацијата во јавноста наместо да се фокусираат на тренинзите . Сметам дека ситуацијата се враќа на почетокот и во овој момент јас и стручниот штаб тешко ќе можеме да ја вратиме одличната атмосфера што ја имавме на стартот од квалификациите и затоа одлучив да се повлечам.
Катанец го искажа задоволството од прикажаните игри за време на неговиот престој. Сепак поразот од Исланд драстично ги промена плановите, Македонија со две победи во Скопје може да ги задржи шансите за второто место во групата.
-Сметам дека мора да ме наследи некој кој ќе ја врати атмосферата во националниот тим што е основен услов за добри игри во продолжението од квалификациите.
Вторитот селектор странец на македонската клупа, после Слободан Сантрач, им се заблагодари на раководните луѓе на ФФМ на чело со претседателот Хаџи-Ристески кои од првиот момент ги обезбедиле најоптималните услови за подготовки и настап на националниот тим. Исто така тој им се заблагодари и на соработници во Стручниот штаб кои во целост ја подржале програмата и и посака успех на македонската фудбалска репрезентација во понатамошните настапи.