Среќко Катанец останува на македонската клупа. Денес во телефонски разговор словенецот му потврдил на првиот човек на ФФМ Хаџиристески дека и понатаму ќе биде селектор на фудбалската репрезентација на Македонија. По многу шпекулации и најави каде Катанец ќе ја продолжи својата тренерска кариера, сепак словенечкиот фудбалски стручњак се одлучил да ја прифати понудата за продолжување на договорот на уште две години, односно и за циклусот квалификации за СП кое 2010 година ќе се одржи во Јужна Африка.
Договорот наскоро ќе биде потпишан и официјално, а Катанец ќе изготви програма за идниот период во кој Македонија ќе игра во група со Холандија, Шкотска, Норвешка и Исланд во мундијалските квалификации.
– Задоволен сум што Катанец останува на чело на македонската репрезентација. Добрата соработка со раководството на ФФМ, квалитетот на националниот тим и составот на групата за квалификацискиот циклус за СП беа пресудните моменти за продолжување на соработката ми потврди Катанец во разговорот пред да ја донесе конечната одлука. Можам да кажам дека беше извонредно коректен. Не бараше никакви дополнителни услови – изјави претседателот на ФФМ, Харалампие Хаџи-Ристески.
Катанец потенцира дека одлуката ја донел под огромен притисок од словенечката јавност која речиси едногласно побарала да се врати на чело на словенечката репрезентација.
Во минатиот период како забелешки на Катанец му се препишуваа времето кое го минува во нашата земја,потоа игнорирањето на фудбалерите кои настапуваат во домашното првенство , но и шкртиот однос кон медиумите. Дали нешто ке се промени останува да видиме . . .