Дуелот Холандија-Шкотска, синоќа на лице место , на Амстердам Арена го следеше селекторот Сречко Катанец заедно со својот прв соработник Вујадин Станојковиќ.
– Она што неколку пати порано го изјавив се потврди и на оваа средба. Холандија уште еднаш покажа дека е една од најсилните европски селекции. Игра , заедно со Шпанија , најмодерен фудбал. Против Шкотска, полека, сигурно ја градеа својата игра, го „набиваа“ противникот во 16-тникот . Покажаа дека знаат да нападнат но и да застанат. Едноставно, против една искусна селекција како што е Шкотска покажаа и сила и мудрост. Победата можеше сигурно да биде изразена уште со некој погодок, но очигледно не сакаа да се префорсираат. Го имаат во своите редови можеби најдобриот светски фудбалер, Арјен Робен кој беше незадаржлив. Одлично функционираа и Де Јонг и Ван Бомел. Хунтелар и Де Кајп секогаш опасни и мотивирани. Во секој случај јасно е дека не очекува тешка задача.
Катанец напомена дека наша цел ќе биде да им оставиме многу помалку простор за маневар, да се обидеме што подолго да ја држиме топката и доколку успееме во тоа ќе можеме и полесно да дојдеме до нивниот гол до кој шкотланѓаните, веројатно љубителите на фудбалот во Македонија можеа да видат, доаѓаа многу тешко.
– Ни останува во наредниот период да ја подготвиме нашата тактика, играчите добро да ги сфатат своите задачи, да се обидат да ги спроведат на теренот и се надевам пред се на добра игра. Едноставно ако сакаме добар резултат ќе мораме да најдеме начин да постигнеме гол- изјави по средбата со Шкотска Катанец.
ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com