Одлуката на каталонскиот парламент за прогласување независност од Шпанија еуфорично е дочекана на улиците во Барселона откако 135 пратеници изгласаа независност на оваа шпанска провинција со 70 гласаа „за“ и 10 „против“, јавува „Макфакс“.

Меѓутоа, најпрво од Европската Унија, а потоа и САД и НАТО соопштија дека тие и понатаму продолжуваат да разговараат само со Мадрид.

„Велика Британија не ја признава и нема да ја признае независноста на Каталонија“, јавија британски медиуми пренесувајќи изјава на портпаролот на премиерката Тереза Меј. Според него, декларацијата е врз основа на гласање што Британија го квалификувала како илегално. 

Францускиот претседател Емануел Макрон изрази целосна поддршка за шпанскиот премиер Маријано Рахој откако парламентот во Каталонија прогласи независност.

– Имам еден соговорник во Шпанија и тоа е премиерот Маријано Рахој… Има правна држава во Шпанија со уставни правила. Рахој ја има мојата целосна поддршка – изјави Макрон за време на посета во Француска Гвајана.

Премиерот на Белгија, Шарл Мишел, ги повика денеска властите во Мадрид и Барселона на дијалог по одлуката за независност на Каталонија.

– Една политичка криза може да се реши само со дијалог. Повикуваме за мирно решение, напиша Мишел на „Твитер“.

Италијанскиот министер за надворешни работи, Анџелино Алфано, истакна дека „декларацијата за независност на Каталонија е многу сериозен чин и е надвор од границите на законот“.

Тој нагласи дека Италија нема да го признае едностраното прогласување независност од страна на каталонскиот парламент.

– Сега е потребен дијалог за да се поштеди населението од ескалирање на тензии, додаде Алфано.

Шпанија останува важен сојузник на НАТО, а Каталонија е внатрешно прашање кое треба да се реши во рамките на шпанските институции, изјави претставник на Алијансата.

OhridNews