Тренерот на женскиот ракометен клуб Вардар и живата легенда во македонскиот ракомет Индира Кастратовиќ не ги криеше позитивните впечатоци по ждрепката за втората фаза од Лигата на Шампиони. „Црвено црните“ за противници ги добија данскиот првак Митиланд, Савехов од Шведска и германскиот Турнигер.


– Нормално е да бидам задоволна кога ја избегнавме „групата на смртта“ бидејќи реално Ѓер е актуелен европски првак, Крим е полуфиналист од ланската сезона, додека сите добро знаеме колку квалитетен состав е Будуќност. Сепак, тоа од друга страна не значи дека веќе сме пласирани во полуфиналето, ќе треба да играме најдобро што знаеме на секој меч за да ја оствариме зацртаната цел. Противниците што ги добивме можеби не се атрактивни имиња, но станува збор за тимови што подеднакво добро играат и на домашен и на гостински терен. Има уште доволно време за да ја анализираме играта на ривалите, за мене најважно е ракометарките да одиграат добро на претстојното СП и да се вратат здрави во Македонија, за комплетни да ги дочекаме новите предизвици – рече Кастратовиќ за „Екипа.мк“.

Првиот натпревар од втората фаза се игра на први февруари, а за прв пат во женскиот ракомет ќе се игра фајнл фор.

Мх.П.