Започна одбројувањето до најочекуваното музичко – забавно шоу и оваа зима во Охрид – „Зимска бајка“, што ќе одржи на 23 декември во центарот за култура „Григор Прличев“. Картите за спектаклот што седми пат се одржува во организација на Охридњуз, во ограничен број, ќе бидат пуштени во продажба во петок, 15 декември, во „Топ маркет“ кај Чинарот од 14 часот.

Дел од влезниците се резервирани за соработниците, помагателите и поддржувачите на манифестацијата, како и за хуманитарни цели што организаторот традиционално ги реализира во соработка со лајонс клубовите од градот. Остатокот ќе се продава по принципот „прв дојден – прв услужен“.

Дел од атмосферата на последната „Зимска бајка“ во 2022 година

Како што најави организаторот, оваа година „Бајката“ ќе не врати во 80-те години од минатиот век, во еден од најплодните периоди на светската музика. Дел од безвременските хитови од овој период ќе бидат изведени од бендот на „Зимска Бајка“ и вокалните солисти Емилија Колоска и Христијан Тоневски.

Шоуто традиционално ќе биде зачинето со креативен хумор за кој се задолжени познатиот стендап комичар Никола Тодороски и професионалниот актер Стрезо Стаматовски – алијас „2 Mothers brothers“ и специјалните гости, извонредните комичари Атанас и Тино.

Магијата на „Зимска бајка“ во 60 секунди

Непосредно пред Нова година, во издание на OhridNews, ќе биде промовирано печатеното издание на Годишната ревија на настани, која бесплатно се дистрибуира до читателите. На гала настан во Кадмо бар, кој ќе се емитува во живо на социјалните мрежи и на нашиот портал, ќе бидат доделени признанијата на најуспешните приказни во Охрид во 2023 година.

Г.М.