Македонската поп – икона Каролина Гочева, синоќа на изборот за „Песна за Евровизија“ со леснотија ги освои максималните 144 бодови доделени од 12 гласачки центри низ Македонија. Нејзината песна „Мојот свет“, компонирана од Григор Копров, ќе биде наш адут во Хелсинки, Финска, на 8-ми мај кога е главната манифестација – Eurosong 2007. Ова е нејзин втор пласман на Евровизија, по 2002 година кога настапи со „Од нас зависи“.

За да се избегнат шпекулациите и секогаш присутни гласини за „местење“, оваа година организаторот на „македонскиот“ евросонг реши да се бројат само гласовите од телевизиските гледачи низ Македонија.

Што се однесува до самиот избор, прв впечаток е дека во „универзална“ синоќа не видовме (чувме) ништо ново и свежо. Победничката песна јасно го носи потписот на Копров, но таквите тонови се малку демоде. Евровизија бара нешто ново и необично. Доказ за тоа се ланските победници „Лорди“ кои ја ставија „анемичната“ Финска на музичката мапа.
Организацијата беше добра, сцената изгледаше многу поевропски за разлика од претходните години, а водителите Живкица, Миланка и Игор расположени и квалитетни. Сите телевоутинг центри низ Македонија беа директно вклучувани, аудио-видео, а само Охрид (не знаеме од кои причини) гласовите ги „даде“ по телефон, без слика.

Зад Каролина, на второ и трето место се пласираа Тамара Тодевска односно Ламбе Алабакоски.

С. Костоски