Крилниот кошаркар на Денвер, Кармело Ентони, го напушти тимот и кариерата ќе ја продолжи во Њујорк Никс.
Покрај 26-годишниот Ентони во размената помеѓу двата клуба влегоа уште осум играчи. Од Денвер во Њујорк се преселија ветеранот Чонси Билапс, Шелден Вилијамс, Ентони Картер и Реналдо Белкмен. Во спротивна насока од Њујорк во Денвер заминаа Вилсон Чендлер, Рејмонд Фелто, Данило Галинари и Тимофеј Мозгов. Покрај овие четворица кошаркари Денвер ќе добие и три милиони долари, како и три избори на драфтот во НБА лигата.
Доколку размената ја одобри раководството на НБА лигата, Ентони со Њујорк ќе потпише тригодишен договор со кој ќе заработи 65 милиони долари.
Ентони е роден во Бруклин и никогаш не ја криел својата желба да заигра за Њујорк, тој во 2003 година го предводеше Универзитетот Сиракјуз до титулата во НЦАА шампионатот. Истата, 2003 година како трет избор на Драфтот замина во Денвер чии дрес го носеше осум години, сезонава во просек постигнува по 25,2 поени по натпревар.
„Не сакав повеќе да чекам. Осум години го носев дресот на Денвер и повеќе не гледам светло на крајот од тунелот, тоа светло е титула во НБА лигата“, рече Ентони и додаде “кој не сакал да игра во клуб од родниот град“.
Трејдот на Ентони е еден од најголемите во НБА лигата во последните неколку години, но не и најголемиот. Пред шест години во размена помеѓу Мајами, Бостон, Њу Орлеанс и Јута беа вклучени 13 кошаркари.
Кармело Ентони за Њујорк би можел да дебитира утре на домашен терен во „Медисон Сквер Гарден“ на натпреварот со Милвоки.
“Извор Макфакс“
Ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com