Дваесет годишниот Карлос Алкараз (1) во извонредно возбудлив меч кој траеше пет сета, во финалето на Вимблдон по голема борба која траеше речиси пет часа, го совлада шеснаеет години постариот српски тенисер Новак Ѓоковиќ (2) и стигна до својата прва грен слем титула на неофицијалното Светско првенство во тенис.

Ѓоковиќ фуриозно го започна мечот и за само 36 минути го доби првиот сет со 6:1. Вториот сет во тај-брејк му припадна на Алкараз 7:6. Шпанецот го доби и третиот сет 6:1, но Новак возврати во четвртиот со 6:3 за 2:2. Во решавачкиот петти сет клучни беа третиот и четвртиот гем. Ѓоковиќ на неверојатен начин промаши полу смеч за брејк, што Алкараз го искористи, го одбрани својот сервис и успеа да направи брејк веќе во следниот. До крајот со добар сервис не му дозволи на противникот да се врати во мечот и со 6:4 го доби одлучувачкиот сет за конечни 3:2 и прва титула на Вимблдон.

Ѓоковиќ по мечот му честита на Карлос Алкараз, посочувајќи го неговиот исклучителен напредок во играта на трева.

Мислев дека ќе ми правиш проблем на земја и бетон, ама одличен си на трева и ти честитам на победата. – рече Ѓоковиќ.

Карлос Алкараз истакна дека се пронашол во играта на трева и за краток период се адаприра на оваа подлога. Искажа пофални зборови за противникот кој зад себе има 23 грен слем титули, што е апсолутен светски рекорд во овој момент.

По првиот сет кој го загубив со 6:1 си реков дека мора да се подигнам и да ја поправам играта. Успеав во тоа. – истакна Алкараз.

Карлос Алкараз со освоената титула на Вимблдон само го потврди извонредниот талент, најавувајќи нова ера во светскиот тенис. Од друга страна Новак Ѓоковиќ покажа дека и на 36 години може да игра врвен тенис пет часа, и веројатно ќе го гледаме во вакво издание најмалку уште сезона или две.

Г.М.
Фото: Скриншот Јутуб