Претставници од единствената локална фриленс платформа во Македонија „Hitlancer.com“ во Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, одржаа работилница со цел подобро запознавање со можностите кои ги нуди ваквиот тип на заработка. Како што објасни Оливера Kостовска, коосновач на „Hitlancer“, фриленсер може да биде секој студент, невработен или лице во работен однос кое има желба да остварува дополнителни приходи преку Интернет.
Таа ги истакна мотивираноста, организираноста и посветеноста како клучни карактеристики за успешна заработка и добри референци од остварената соработка со креаторите на проекти онлајн.
Оваа платформа служи за привремено интелектуално ангажирање, а воедно е и локација за алтернативна заработка. „Hitlancer“ е и алатка која овозможува мобилизирање на компетентата работна сила и место каде што за брзо време компаниите може да дојдат до база на податоци за лица со кои може да соработуваат за најразлични проекти.
Фриленсингот нуди слобода на работа и флексибилност и за двете страни – креаторите на проекти и фриленсерите. Според статистиките секое трето лице до 2020 ќе биде фриленсер, токму поради севкупната дигитализација на општеството и учеството на најголемиот дел од светската популација во интернет сообраќајот.
Првиот чекор е креирање профил на оваа платформа каде што се наведува кратка биографија и сопствена валоризација на својот труд, додека наплатата се врши во зависност од остварените поени како иновативен бизнис модел. Категории кои се опфатени на оваа платформа се: развој на веб апликации, развој на софтверски апликации, бизнис и правни услуги, интернет маркетинг, превод и пишување, внесување податоци и административна поддршка, дизајн и мултимедија. Поените ќе бидат достапни за корисниците по симболична цена, преку системот за безбедно електронско плаќање, во соработка со НЛБ Тутунска банка.
Поволностите кои ги обезбедува оваа платформа се: позитивно корисничко искуство, едноставен, но функционален интерфејс, безбедно електронско плаќање, можност за соработка со физички и правни лица, реална поддршка од страна на тимот, заштита на односите согласно дефинирана политика на фер користење, рангирање на фриленс профили по пат на препорака, брина во работењето, ревидирана и достапна база на податоци, прецизирани вештини поддржани со резултати од објективни унифицирани тестови за проверка на знаењето и.т.н..
За сите подетални информации заинтересираните може да го посетат сајтот „Hitlancer.coм“ каде може да прочитаат за тековните проекти, како и областите во кои може да се ангажираат, зависно од индивидуалните афинитети.
Проектот „Hitlancer“ е поддржан од страна на „Alumni Engagement Innovation Fund 2014“, озвозможен од Стејт Департманот на Соединетите Американски Држави. Локалната имплементација е во соработка со Американската амбасада во Скопје и „Summer Work and Travel Alumni“ организацијата. Тимот кој стои зад реализацијата на идејата брои 9 лица кои се одликуваат со бројни интернационани искуства од областа на менаџментот, финансиско работење, софтверски развој, маркетинг, човечки ресурси, но најважно од се претприемништво.
Серијата работилници за презентација на „Hitlancer“ продолжува денеска во Педагошкиот факултет во Битола.
Ивана Чичоска