Тим за трансплантација во кој учествуваше кардиохирургот од Македонија Петар Ристески доктор во Универзитетската клиника во Цирих, Швајцарија, со која раководи д-р Омер Џемаили, исто така од нашите краишта, успешно вгради донорско срце на тешко болен пациент кое било надвор од човечко тело повеќе од шест часа. Органот бил подигнат во Шведска и транспортиран низ Европа во Швајцарија во трка со времето.

Специјалниот уред „Систем за нега на органи“ (Organ Care System) го одржувал срцето функционално за време на летот, кој траел неколку часа. Овој пренослив уред го чува срцето топло, снабдено со крв и во ритам, обезбедува кислород и хранливи материи, ја подобрува функцијата на органот, и го продолжува времето во кое срцето може да се пресади. Додека порано едно срце на мраз можеше максимално да издржи транспорт со голем ризик на оштетување до 4 часа, сега со специјалниот систем за нега на органи, времето е пролонгирано до 12 часа. Репортажата за овој несeкојдневен медицински подвиг ја пренесе реномираниот циришки неделник „SonntagsZeitung“.

По два часа лет авионот со тимот за трансплантација од Швајцарија слета во Шведска. На пистата ги чекаше возило на Брзата помош. Брзо се упатија кон шведската болница, каде треба да го преземат срцето за трансплантација, додека лекарската екипа ги анализира најважните чекори за операцијата која следи. Сите се фокусирани, ја почнува сторијата „SonntagsZeitung“.

Во сложениот зафат учествуваат повеќе кардиохирурзи, меѓу кои и нашиот Петар Ристески. Срцето внимателно по вадењето од телото на донорот во комплексна постапка, е поставено во специјалната машина за одржување каде се „рестартира“ и почнува да работи. Параметрите се следат внимателно.

Внимателно екипата се упатува на аеродромот во трка со времето. Скапоцениот товар е на лет за Цирих и по 2,5 часа медицинскиот тим пристигнува во Универзитетската болница во Цирих каде за трансплантација подготвено чека 56-годишната пацеиентка Бетина Гредиг.

Да, подготвени сме, укажува д-р Петар Ристески додека срцето внимателно од рака до рака се пренесува во операционата сала.

Д-р Петар Трајчески

Следи сложена процедура на поврзување на крвните садови на примателот на срцето од донорот, протокот на крв е обновен, срцето чука и се привикнува на новото тело. Се е во најдобар ред. Пациентката со „ново срце“ е пренесена на одделението за интензивна нега. Следното попладне се буди од анестезијата.

Кога се разбудив, веднаш забележав дека нешто е поинаку. Се чувствував многу подобро. Рацете кои цел живот ми беа ладни бидејќи крвта не стигнуваше до врвовите на прстите, ми беа топли. Сега е време дури и за венчалниот прстен повторно, ги пренесува зборовите на Бетина Гредиг „SonntagsZeitung“.

Нејзиното срце, пак, не е невнимателно отстрането. Стерилно е спакувано и испратено во Белгија каде постои лабораторија која срцевите залистоци ги користи за други пациенти. Повеќекратна победа, констатира весникот во сторијата за овој несекојдневен медицински подвиг за кој придонес имаат доктори со потекло од Македонија, кардиохирургот и заменик директор Петар Ристески од Прилеп како дел од тимот за трансплантација и д-р Омер Џемаили од Теарце, тетовско, кој раководи со Универзитетската Клиника во Цирих каде беше успешно извршена сложената операција.

Д-р Омер Џемаили – Директор на Универзитетската клиника во Цирих, Швајцарија

Од преземањето на раководството на Универзитетската клиника за Кардиохирургија во Цирих од нашите реномирани доктори во декември 2022 па до сега, направени се 42 трансплантации на срце на возрасни пациенти со терминална срцева слабост. Со ранo преживување на трансплантираните пациенти од 97,6% оваа клиника е на прво место во својата област во Швајцарија.

Универзитетската клиника во Цирих, Швајцарија, неодамна беше прогласена за десетта најдобра клиника во светот, според ранг листата на ценетиот американски неделник „Newsweek“.

Г. Момироски
Извор: „SonntagsZeitung“