Со цел да се зголеми бројот на ефективно и ефикасно справување со инциденти на срцев удар надвор од болниците, а со што ќе се спасат поголем број човечки животи, денес во Охрид, Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања “Св. Стефан” одржа настан за промоција на проектот “Heart Safe Cities” кој е дел програмата Interreg IPA – CBC меѓугранична соработка помеѓу Р. Грција и Р. Македонија, финаниран од Европска унија.

Главните цели кои сакаме да ги постигнеме со работата на овој проект претставуваат подигнување на свесноста за сериозноста на инцидентите со срцев удар и подобрување на информираноста за начините на кои може да се спречат и/ или ефикасно да се управуваат. Потоа да се подобри подготвеноста за рано реагирање преку масовна обука на граѓани, како и обука на обучувачи (медицински персонал), подобрување на капацитетите за ефективно управување преку обезбедување АЕД (автоматски надворешни дефибрилатори) во избрани градски места, подобрување на услугите за поддршка и итна медицинска помош во локалните и регионалните единици за здравствена заштита и зголемување на целокупниот капацитет за обезбедување на прва помош на ниво на градот Охрид, изјави Др. Виолета Мојсовска.

Во рамките на проектот Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања “Св. Стефан” како регионален центар кој згрижува околу 350 000 граѓани од регионот, ја обнови и надгради медицинската опрема, преку набавка на апарат за ехокардиографија, централен мониторинг за пациенти во интензивна нега, автоматски надворешни дефбрилатори, ЕКГ апарати и комплетно опремено амбулантско возило.

Истовремено преку спроведување на едукации за основно и напреднато одржување во живот, континуирано работи на подобрување на здравствените услуги во Охрид и регионот.

Н.С.Ј.