Согласно новонастанатата ситуација со корона вирусот во земјата, а во насока на превенција и заштита на здравјето на пациентите, Специјалната болница за лекување, превенција и рехабилитација на кардиоваскуларни болести Охрид, апелира до граѓаните кои немаат итност, да ги одложат рутинските контроли во овој период.

Ги замолуваме нашите редовни пациенти на кои им е ординирана хронична терапија и кои немаат новонастанати тегоби да ги одложат своите рутински контроли за извесен период. – порачуваат од Заводот за каердиологија.

Од болницата информираат дека строго се забранува присуство на придружници во чекалните, пред амбулантите и останатите заеднички простории во болницата.

Пред секоја амбуланта на располагање има алкохол за дезинфекција на рацете и истата задолжително треба да ја изврши секој пациент или посетител пред да влезе во амбуланта.

Во Македонија вчера беа регистрирани четири нови случаи на корона вирус, меѓу нив и една лекарка – директорката на Клиниката за кожни болести во Скопје Нина Цаца Биљановска. Таа не ги почитувала протоколите за заштита и без да го провери своето здравје по враќањето од одмор во Италија пет дена доаѓала на работа, а учествувала и на симпозиум на кој присуствувале стотина нејзини колеги.

OhridNews