Дека во оваа наша држава многу работи се погрешно поставени, изместени, и не е некоја констатација за која треба треба длабока анализа, се гледа од месечина, што би се рекло. Проблемот е во тоа што и нештата кои добро функционитраа и се ретки примери во општеството сакаме да ги повлечеме во амбисот кон кој дуваат лошите ветришта на политиката. Таков е примерот со Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни болести „Св. Стефан“ во Охрид, која деновиве е топ тема во охридската јавност поради обиди за политички влијанија за наводни нови кадровски решенија во установата која е една од најпозитивните приказни во урнисаното македонско јавно здравство.

Порталот Плус инфо повикувајќи се на извори од Министертсвото за здравство објави дека директорката на болницата, исклучителен анестезиолог и дијагностичар, д-р Елена Ковачевска Башуроска, е на тенок мраз и и’ се заканува смена поради одбивање да вработи наметнат кадар од Кичево за кој, установата ги информирала претпоставените во ресорното министертво дека во моментов нема потреба, како и од нови вработувања, во случајот доктор кардиолог, кој патем бил единствен таков во својот град.

Поради овој „грев“ Ковачевска Башуроска била изложена на силен политички притисок. Дека нешто не е во ред говори и фактот дека иако беше единствен кандидат на неодамнешниот конкурс за директор на Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни болести „Св. Стефан“ во Охрид, што го распиша Министерството за здравство, таа доби решение в.д.

Д-р Елена Ковачевска Башуроска

Кардиолошката болница во Охрид, како што ја нарекува народот, по клиниката во Скопје, е најголемиот кардио центар во земјата каде веќе 18 години успешно се изведуваат сложени интервенции од областа на интервентната кардиологија кои спасиле неброени животи. Тука годишно се изведуваат преку 2500 интервентни процедури, секојдневно се извршуваат преку 120 специјалистички прегледи, преку 50 ехокардиографии, над 40 стрес тестови и преку 40 доплери.

За време на ковид кризата дел од Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни болести „Св. Стефан“ во Охрид предводена од д-р Елена Ковачевска Башуроска, беше трансформиран во ковид центар каде како ретко каде, беа спасени животи на пациенти ставени на респираторна машина. Цената на таа битка, како и секаде во светот, беше високо платена, но од друга страна ги покажа можностите и капацитетите на нашето здравство во кое Кардиолошкиот центар несомнено е во врвот.

Зад сето ова стои посветен тим кој се надградува и континуирано се едуцира со децении, што говори за тоа дека установата, како ретко каде во нашето јавно здравство, има и концепт и визија и капацитет, Најмалку што треба е да му се наметнуваат надворешни решенија. А не е прв пат.

Наместо тоа добро би било болницата да добие поддршка од ресорното министерство за есенцијалните потреби, како во делот на медицинската опрема, така и во подобрување на просторните услови. Приоритет на болницата, во моментов  е изградба на уште една ангио сала и уште еден ангиограф (првиот ангиограф го донираше нашата дијаспора од САД и Канада), за што установата има доставено и идеен проект. И, конечно да се реши судбината на сега веќе и не така новата болничка зграда во Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Ерзамо“ каде според плановите треба да профункционира Регионалниот центар за акутен мозочен удар кој ќе ги обедини здравствените и технички капацитети на повеќе специјализирани установи од регионот, каде по примерот на мрежата за акутен миокарден инфаркт, би се направила и мрежа за акутен мозочен удар која би го покривала цел Југозападен регион.

Затоа, наместо политички игри за задоволување на партиски или други потреби, добро би било енергијата да се насочи кон подобрување на условите во јавното здравство и поддршка на менаџерските тимови кои покажуаат резултати. Само така може да се постигне развој и зголемување на капацитетите, што неминовно ќе доведе до нови вработувања, соодветни на потребите на здравствените установи. И да, воопшто не е битно од каде се, која националност се, дали се политички определени, за кого навиваат. Тоа не е, ниту смее да е „аргумент“ за вработување, камоли за притисоци врз раководителите на здравствените установи кои се ретки, исклучително ретки позитивни примери во јавното здратсво.

Став на уредникот на порталот Охридњуз, Горан Момироски