Кардиф и Нант се согласија да го продолжат крајниот рок за исплатата на првата рата од 15-те милиони фунти за трансферот на покојниот Емилијано Сала до 27 февруари.

28-годишниот Аргентинец загина кога приватниот авион со кој патуваше падна во Ла Манш на 21 јануари, само два по  уривањето на рекордот на Кардиф со трансферот од францускиот клуб. Во саботата тој беше погребан во Аргентина, каде што беа претставници на двата клуба.

Кардиф требаше да ја направи исплатата на првите 6 милиони евра на Нант до 20 февруари, но според ПАС, клубовите се договориле за одложување од една недела. Овој договор доаѓа бидејќи двата клуба беа вклучени во расправија за тоа колку пари и како ќе му ги исплати Кардиф на францускиот клуб.

Адвокатот на Нант на 5 февруари официјално ја побара првата од трите годишни рати, која мораше да биде исплатена во следните 10 работни дена, а Кардиф сакаше да заврши истрагата за падот на авионот. Од Кардиф исто така се сомневаа во аномалиите на договорот, но претседателот на клубот, Мехмет Далман, потврди дека тие ќе бидат чесни и ќе ја исплатат сумата што е потребна.

Кардиф сака да заврши истрагата и да се утврди одговорноста на пилотот Дејвид Иботсон и агентот Вили Меккеј, кој го ангажира пилотот, за да може да ја исплатат полисата од 16 милиони фунти што ја имаа на име на Сала.

Ситуацијата е дополнително комплицирана поради фактот што Нант му должи на тимот на Бордо 50 отсто од парите поради клаузулата во договорот со кој го купија Сала во 2015 година.

Ако не се најде договор, краен збор ќе има ФИФА, а можеби и пред Судот за арбитража во спортот (ЦАС).