Стекнување со знаења за работата на Собранието, историјата на парламентаризмот, законодавната постапка и други теми од работата на институцијата, како и средби со пратениците од општините се дел од парламентарниот карван насловен „Собрание за граѓаните“, што се одржува низ повеќе општини во државава.
Освен едукативна, активностите имаат за цел зголемување на транспарентноста и отчетноста на Собранието. Денес мобилниот парламентарен караван ќе го посети Охрид и истиот ќе биде поставен на Градскиот плоштад со почеток од 11 часот.
Овој карван е еден поинаков начин за приближување на начинот на функционирање на законодавниот дом и на самите пратениците на Собранието на Република Северна Македонија до граѓаните чиј што легитимитет и го уживаат во собраниските клупи. Ова е дополнителна можност за тие граѓани да се запознаат со избраните пратеници од нивните изборни единици во градовите во кои живеат и работат, вели претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери.
Кампањата „Собрание за граѓаните“ се реализира во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“, 10-годишен проект поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) преку Швајцарска Амбасада во Република Северна Македонија. „Програмата за парламентарна поддршка“ се спроведува од Националниот демократски институт (НДИ), Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и Центарот за управување со промени (ЦУП).
OhridNews