Медитеранската карате федерациска унија која ја сочинуваат 24 европски држави изминатиот викенд во Тузла, кантон на Босна и Херцеговина,  поточно во салата Мејдан го одржа 21-то Медитеранско карате сениорско првенство. На првенството учество земаа 10 национални репрезентации меѓу кои Франција, Италија, Турција, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Македонија, Кипар и домаќинот Босна и Херцеговина. Секоја држава имаше право да пријави по двајца најдобри сениори во секоја тежинска категорија.

Наташа Илиевска, нашата најдобра каратистка успеа на ова првенство да освои бронзен медал во категоријата -55 кг. Во нејзината тежинскакатегорија таа се сретна со најсилната конкуренција бидејќи во првото коло имаше борба со претставничката на Франција нејзина добра познајничка и конкурентка за медал на сите европски и светски натпреварувања Луција Игнале. Наташа ја загуби првата борба со минимален резултат 0-1, потоа Французинката влезе во финале и стана Медитеранска шампионка а Наташа доби шанса во репасажните борби да дојде до бронзениот медал. Таа својата шанса ја искористи и најнапред ја победи Турската репрезентативка БахарЕксехер со резултат 1-0, и во директна борба за бронзен медал ја победи претставничката на Црна Гора, Ана Драшковичсо резултат 3-2. За нашата најдобра каратистка ова е вкупно 125-от освоен медал од најсилни првенства и турнири.

Во разговор со нејзиниот тренер Бошко Заборски: – тој ни изјави дека е задоволен од моменталната форма на својата спортистка. До светското првенство кое треба да се одржи во Парис има уште 40 дена ние во целост ја исполнуваме зацртаната програма за подготовка на нашата најдобра спортистка. За нас ова Медитеранско првенствоимаше само контролен карактер односно ние заминавме со единствена цел да  видиме до каде сме со специфичниот дел од нашата подготвеност. Ги видовме сите недостатоци кои треба да ги поправиме и се надевам дека со добра завршна припрема ќе направиме Наташа Илиевска да биде конкурентна за еден од медалите или повисоки пласмани на светското првенство во Парис.Ние во завршниот макро циклус од три месеци реализиравме вкупно 25 интернационални борби со најсилни противници, од нив дури 20 ги решивме во наша корист. Се потврди фактот дека Наташа Илиевска  секогаш има потенцијал и подготвеност да влезе помеѓу најдобрите пет спортистки, да потсетиме дека таа и на последните два светски турнири од ,,1 Светска Премиер Карате Лига,,  кои се одржаа во Истанбул и Франкфурт ги освои петтите места. На овие турнири учествуваа по 60 држави од целиот свет.Со нашата најдобра спортистка секојдневно ќе тренираат и заеднички ќе се подготвуваат и нејзините млади клупски колешки од ,,Макпетрол,,Симона Заборска (-61 кг) и Сара Радичевска (-50 кг), сите тие изборија место во националната сениорска репрезентација на Македонија и треба да учествуваат на Светското првенство кое ќе се одржи од во Парис, заврши Заборски.

Ohridnews