Името на Глогор Глигороски од карате клубот „Шидокан“ на охридската спортска јавност и е добро познато. Глигороски е европски првак во кати во 2004 и е носител на бронзениот медал истотака во кати од СП во 2006, во организација на Интренационалната Јапонска Карате Асоциација (ИЈКА).

Последната година Глигороски беше на специјализација во земјата на изгрејсонцето. Тој е носител на црн појас 4 дан. На покана на Глигороски деновиве во Охрид престојува Шуитсу Оказаки носител на црн појас 7 дан. Оказаки својата работна Европска турнеја ја завршува токму во Македонија.


Оказаки 7дан. го пренесува знаењето на младите каратисти во Охрид

Шуитсу Оказаки или како Глигороски милува да каже,  мојот учител, зад себе има богата спортска кариера, тој е поранешен Јапонски репрезентативец и повеќекратен шампион во борби на својата земја, воедно шеф инструкторна ИЈКА и технички советник на оваа асоцијација за Македонија. На човек со вакво искуство една недела му е и повеќе од доволна за да ги согледа состојбите во овој спорт кај нас.

“Доколку немате вистински мајстор, Јапонец кој ќе ви го пренесе знаењето, тогаш сето тоа е копија. За Македонските каратисти е многу важно на ваков начин да ги добиваат инструкциите, од проста причина што само така вистински ќе напредуваат во кариерата“  вели инструкторот Оказаки.

Шуитсу Оказаки чии секој потег буквално го впиваа младите членови на карате клубот Шидокан, помалку надмено ќе рече дека незнае дали Македонија поседува вистински карате потенцијал, но се надева дека преку неговите ученици браќата Глигор и Данко Глигороски ќе успее да го пренесе неговото знаење, што би допринело драстично да се промени сликата за традиционалното Јапонско карате во нашата држава.


Оказаки верува во своите ученици Глигор и Данко

Секако дека човек како Оказаки има и свое видување во која насока во иднина би требало да се развива традиционалното карате кај нас.

“Во каратето како и во секој спорт, најважна е основата, за спортистот да може да ја гради кариерата на вистински начин.Секако од исклучителна важност е за каратистите од Македонија да се “мешаат“ со натпреварувачи од Европа и Јапонија“ .

Инструкторот Оказаки е воодушевен од убавините на Охрид и како што сам вели добрите луѓе кои живеат тука. Јапонецот вети дека ќе биде најголемиот лобист за Охрид и Македонија да ја добијат организацијата на следното СП на ИЈКА.

        Ненад Цветанов