Карате спортот во Охрид има долга традиција, овој спорт доста го практикуваат децата во раната возраст од 6 до 14 години. На карате мапата Охрид се етаблираше со турнирите организирани во последните години, кои постигнаа не само квантитет туку и го подигнаа квалитетот.
После долги години чекање, каратето ќе биде дел од олимписките игри, а тоа секако е убава можност за успешно преставување на Македонија на светската бина.
Му рековме „ООС“ на Игор со кого разговаравме за спортот на татамите. Спортот е составен дел од животот на фамилијата Смилевски, Игор е карате тренер, додека неговата сопруга Билјана е ракометен тренер.
Нашата ќерка Анастасија Смилевска неколку години тренира карате и со гордост можам да кажам дека истата постигнува одлични резултати (има освоено над 60 одличја) и годинава втор пат се избори за место во Македонската детска репрезентација (и кати и борби). Кај неа е поставена спортската подлога, а тоа дали ќе продолжи со каратето или ќе одлучи да се префрли на ракометот ќе мора сама да одлучи, на мене ќе остане само да ја прифатам нејзината одлука, да и овозможам услови и да и дадам максимална поддршка во нејзиниот понатамошен спортски развој. – започнува Смилески.
Карате во Охрид. Колку е застапен како спорт, каков е одзивот, каков е квалитетот и каква е иднината на каратето во Охрид?
Каратето во Охрид постои долги години, како спорт е доста застапен, особено во најмалата популација на возраст од 6 до 14 години. Голем број на охриѓани низ годините го искусиле каратето, дел од нив успеале да се пронајдат во дисциплината, а останатите нажалост се откажале, но сепак еден период биле дел од големата карате фамилија.
Интересот за каратето во Охрид постоел од секогаш, но последните неколку години забележува тренд на зголемена заинтересираност особено кај претходно споменатата возраст (од 6 до 14 гдоини). Кај дел од истите интересот се појавува самоиницијативно а кај одреден дел тој е потикнат од родителите пред се за здрав и правилен развој на телото и духот. Причината ја гледам во тоа што каратето пред се е индивидуален спорт во кој се гради карактерот на личноста преку дисиплината (која е неизбежен дел од тренингот) а и осамостојување на личноста. Карактеристични особини на каратистот се дисциплина, истрајност, издржливост и упорност до остварување на целта. Станува збор за процес на надградби во усовршување на каратистот.
Земајќи го во предвид денешното време и навиките на денешните деца пропратени од целата технологија која ги опкружува можам да кажам дека во Охрид има деца кои поседуваат одредени квалитети кои можат да се искористат како иницијални каписли за истите да запливаат, не само во каратето туку и во било кој друг спорт. Причината поради која ние тренерите постоиме е баш таа да препознаеме талент, квалитет во кој треба несебично да вложиме за истиот да успее. Со една реченица одговорот би бил: ДА, во Охрид постојат квалитетни каратисти.
Сведоци сме на фактот дека во Охрид, јас заедно со мојот карате клуб „Кун-су-то“ и мојот пријател Дејан Чолески со неговиот карате клуб “Чоле” во изминатите две години организиравме два карате турнири кој од година во година имаат се поголема масовност. Со организирањето на тој турнир ние успеавме да го зголемиме и квалитетот на каратистите од Охрид, но и да го доближиме каратето до нашите охриѓани, со што запишавме уште една причина повеќе каратето во Охрид да има иднина. Сигурен сум дека доприносот кој го даваме на спортската сцена е голем и искрено мислам дека каратето во Охрид има светла иднина.
Често патувате и се натпреварувате надвор од македонските граници. Кога ќе се направи паралела, каде е нашата земја во однос на соседите?
Ние припаѓаме на регион кој има богата историја во карате успесите. Србија, Црна Гора, Бугарија, Грција имаат добри каратисти, Албанија и Косово исто така се во подем. Ние често посетуваме меѓународни турнири надвор од границите на Македонија каде јас и моите каратисти гордо го претставувуваме Охрид и Македонија, градиме пријателства – лични но и клубски.
Минатата година (2019) 4 каратисти од мојот карате клуб „Кун-су-то“ се изборија за влез во македонската детска карате репрезентација (Анастасија Смилевска, Козма и Дамјан Митревски сите на возраст од 10 години и Тамара Ѓурчиноска на возраст од 13 години) со која учествуваа на Балканското детско првенство кое се одржа во Бања Лука – Босна и Херцеговина. Дамјан Митревски освои второ место, а Тамара Ѓурчиноска освои трето место, и двајцата во борби. И оваа година на државното првенство за деца (кое е официјално првенство за влез во македонската детска репрезентација) истите четири каратисти се изборија за место во Македонската карате репрезентација и требаше да учествуваат на Балканското првенство за деца 2020 во Истанбул-Турција (кое нажалост поради ширење на Covid19 вирусот не се одржа).
Кога станува збор за каратето во рамките на Македонија мислам дека Македонија е лидер во регионот. Имаме квалитетни каратисти како на пример Емил Павлов од Штип кој 2019 година беше Европски шампион а оваа година во Премиер лигата во Салзбург се закити со златен медал откако во финалето го победи актуелниот светски првак Италијанецот Анџело Крешенцо. Емил е сериозен кандидат за претставник на Македонија на Олимписките игри во Токио. Исто така квалитет има и во Берат Јакупи, Марио Свинарски, Петар Спасеноски, Доан Османи, Жарко Арсоски, на тренерските репрезентативни клупи квалитетниот Саше Арсоски и уште многу каратисти и тренери кои го вложуваат максимумот за успешно претставување на Македонија во светот на каратето.
Каратистите и спортисти кои доаѓаат од боречките вештини ги краси смиреност и не се експонираат надвор од рингот или борилиштето, на што се должи тоа? Која е тајната?
Видете, секој каратист се води по петте карате правила :
Тежи кон усовршување на карактерот“, „Биди верен и следи го патот на вистината“, „Работи напорно, само така ќе ја постигнеш целта“, „Почитувај ги другите“, „Не практикувај насилно однесување“. Карате тренингот започнува со ОСС (поклон при влез во DOJO -сала за вежбање карате) со што се покажува почит кон просторот и вештината. Тренерот исто така се поздравува со ОСС (поклон). За време на тренингот секој каратист максимално се труди да се сконцентрира на она што го работи. Начинот на тренинг е повторување на техниките, разработување нови техники и повторно нивно повторување се до нивно беспрекорно изведување. Целиот тој процес се состои во учење, повторување се додека не дојде до спој на брзина, цврстина и стабилност во едно, за кое е потребно голем труд, упорност, воздржаност, трудељубивост, смиреност и издржливост. Со таков начин на тренинг кај каратистот се гради карактерот, истиот го јакне духот, знае да почитува, да не се откажува и да реагира само тогаш кога е неопходно. Крајната цел на каратето не е ниту во победата, ниту во поразот туку во изградбата на карактерот на каратистот до совршенство!
На Олимписките игри во Токио, каратето ќе има официјален влез во олимпиското друштво. Зошто толку долго се чекаше и колку ќе профитира каратето од Олимписките игри?
Секако дека придобивките од ОИ за каратето ќе се големи како на економски план така и на квалитет. Ќе има поголема афирмација со што сметам дека интересот ќе биде се поголем. Прашањето карате и олимпијада се поставува уште од далечната 1970 година. Според мене причините за долгогодишниот спор околу тоа прашање се наоѓаат во поделеноста во каратето, односно во борбата за превласт. Во каратето постојат повеќе стилови кои долги години помеѓу себе имаа недоразбирања, несогласувања и поделени ставови. Присутно беше и прашањето која федерација е таа која треба да ги воспостави правилата за влез на каратето во олимпијадата. WKF (Светска карате федерација) конечно успеа да стави крај на тие спорови и успеа да воспостави унифицирани правила и критериуми за натпреварување и правила и критериуми за судии и нивни чинови. WKF воспостави систем на натпревари (Официјално Светско првенство) листа на натпревари и првенства кои се бодуваат за напредок во WKF ранг листата од која произлегува учеството на олимписките игри во Токио.
Да нема недоразбирање: До учество на олимписките игри може да се дојде единствено преку WKF. Карате Федерација на Македонија (КФМ) е членка на Светската карате федерација (WKF) а ние како карате клуб сме дел од КФМ кон која ги исполнуваме сите обврски. Ние го негуваме JKS стилот (Japan Karate Shotorenmei) но сепак сме членки на Официјалната Карате федерација на Македонија чиј претседател е Горан Милковски.
Според еден дел од каратистите каратето со голем број измени кои ги доживеа ( се измена времетрањето на борбите, бројот на освоени поени во борби, превземени се низа мерки за безбедност на натпреварувачите, во ката натпреварите воспоставен е нов систем на судење со што знаменцата се заменети со бројки, зголемен е бројот на судии кои формираат отцена во ката натпреварите) а со цел да исполни критериуми за влез во олимписката фамилија на спортови наводно ја изгубило смислата односно истото со преминот од вештина во спорт наводно ја изгубило БУДО етиката, за кое јас лично мислам дека не е точно од причини што WKF е КАРАТЕ (замислено ако КАРАТЕ е пат со зададени параметри секој карате стил се движи во рамките на патот по своја насока) значи сепак секој стил е карате. Како што кажал Gichin Funakoshi (творецот на модерното карате) 100 каратисти 100 карате – завршува Смилески.
Лична карта
Клубот за боречки спортови „Кун-су-то“ Охрид е формиран и започна со работа 1999 година, во сопствена сала за тренинзи лоцирана на улицата „Прва Македонска ударна бригада број 4 во Охрид“, контакт маил: [email protected]. Значи на спортската сцена во Охрид опстојува веќе 21 година. Моментално брои околу 60 членови. Тренер е Игор Смилески носител на црн појас 5 ти дан JKS. Го следи и негува JKS стилот и е дел од фамилијата на ЈKS Macedonia. Член е на Карате Федерација на Македонија каде и учествува во системот на натпревари. Еден е од двата основачи на карате турнирот „Охрид опен“ за кој се ангажираме да премине во спортска традиција. Позначајни одличја се: Сребрен медал за Дамјан Митревски и бронзен медал за Тамара Ѓурчиноска на Балканското првенство за деца 2019 во Бања Лука – Б и Х. Изборот на Тамара Ѓурчиноска во категорија најдобри кадетки за 2019 година, избор на 4 каратисти (Анастасија Смилевска, Дамјан и Козма Митревски и Тамара Ѓурчиноска) во Македонска детска карате репрезентација по втор пат. Голем број на медали и пехари од меѓународни турнири надвор од Македонија. Со своите членови има учествувано на неколку семинари на Мasao Kagawa – chief instructor at Teikyo University and chief instructor at JKS ( во Охрид, Скопје и Брашов Романија).
Михаил Постоловски