Струшкиот фудбалски клуб е формиран во далечната 1923 година под името „Црн Дрим“. Седум години подоцна клубот го менува името во „Југославија“, а во 1945 година струшкиот фудбалски бисер го добива името Караорман што носи и денес.
– Фудбалскиот клуб Караорман преставува дом за многу генерации. Во тој дом секој си ја наоаѓаше својата љубов и секогаш имаше место повеќе. Можам слободно да кажам дека Караорман преставува живот и сите чекори во него ни почнуваат од нашиот клуб. На прославата почувствував огромна енергија од сите симпатизери и гости што ми влева сигурност и поттик за понатамошна работа во нашиот спортски миленик. Во овие 90 години Караорман е препознатлив по единството кое владее во клубот и нема мешање на политика во соблекувалните, теренот и надвор од него – потенцираше претседателот Лазо Липоски.
Караорман ги менувал имињата, но никогаш не го променил градот Струга, кој сеуште го преставува на фудбалската карта. „Црвените“ натпреварите на домашен терен ги играат на Градскиот стадион, кој дом на сите спортски работници во Струга.
– Ми причинува чест и задоволоство што сум присутен на овој голем јубилеј на фудбалскиот клуб од Струга. Караорман е симбол на градот и колевка на сите спортови. Славејќи го овој јубилеј ние уште еднаш покажуваме дека во нашиот град спортот преовладува и ќе се потрудиме да биде така во иднина – посочи претседателот на Општинскиот сојуз Струга, Скендер Таири.
Јубилејот на струшкиот фудбалски клуб беше проследен од Златко Танески, кој е член на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија. Тој ги поздрави присутните на прославата и на стружани им посака многу успеси и радости.
– Од одборот на Фудбаслакта федерација на Македонија им го честитаме овој јубилеј на струшкиот фудбалски клуб. Во иднина им посакуваме повеќе успеси, радости и уште многу јубилејии – рече Златко Танески.
Секретарот на Караорман, Љупчо Мојсоски со реферат на повеќе од 100 страници ги изненади сите кои беа дел од церомонијата на јубилејот. Тој во својот реферат ги наведе сите чинители кои се заслужни за опстојување на клубот покрај големите падови кои ги имал во својата историја.
– Ова е голем ден за нас и за клубот посебно. Желбата која ние ја имавме за да се направи оваа манифестација беше голема. Вложивме многу сили и напори да ги направиме сите тие благодарници, дипломи и награди за да им оддадаме почит на сите фудбалери, тренери, навивачи, доктори кои се заслужни што Караорман го прослави 90-от роденден – истакна секретарот на „црвените“ Љупчо Мојсоски, кој во клубот е од далечната 1966 година.
На ревијалните натпревари кои се одиграа на вториот ден од богата прослава победа забележаа сегашните фудбалери на Караорман над Шкупши 3-1 додека ветераните на Пелистер со 4-2 ги совладаа „искусните“ фудбалери од Струга.
– Историјата на клубот е долга и незнам кој клуб во Македонија има толкав јубилеј. Натпреварувањето на клубот во Третата лига говори доволно за ситуацијата во клубот. Но, јас не губам надеж верувам во мојот матичен клуб дека ќе се исправи како многу пати до сега и ќе обезбеди место во фудбалска елита – посочи Артим Шаќири.
Караорман најголем успех има забележано во 1957/58 година кога по победа над Брегалница на пенали 7-6 ја освоија шампионската титула на Македонија. Од осамостојувањето „црвените“ значаен успех имаат во 2002 година кога во 1/2 финалето во Купот на Македонија беа елиминирани од Пелистер, кој подоцна го освои трофејот.
Амбасадори на струшкиот клуб и фудбал се поранешни и активни репрезентативци на Македонија и тоа Артим Шаќири, Игор Митрески, Величе Шумуликоски, Артим Положани, Горан Миноски и Фламур Таири.