Присуство на униформирани лица пред зградата во која живеат, денеска ги вознемири жителите на станбен објект во населбата „Бејбунар“. Тие велат дека од надлежните добиле известување дека во приватни апартмани на приземјето од зградата подоцна ќе бидат сместени повратници од странство кои доаѓаат со хуманитарните летови во Скопје, а кои треба да поминат во задолжителен државен карантин 14 дена.
Се работи за зграда за заедничко домување и еден зеднички влез, во која сопственикот на апартманите одлучил да ги даде на државата за карантин на наши граѓани кои доаѓаат од странство меѓу кои може да има евентуално и заболени лица, без никаква консултација со нас сопствениците на станови кои постојано живееме во истата зграда. – велат жителите од зградата во населбата Бејбунар.
Станарите апелираат надлежните да ја преиспитаат одлуката, посочувајќи дека крајно се загрижени за себе и за нивните деца.
Од толку самостојни сместувачки капацитети на охридската ривиера кои сега не работат поради ситуацијата предизвикана од пандемијата со коронавирусот, државата одлучила токму во станбена зграда да спроведува карантин. Бараме одговор кој дал вакво одобрение и дали одговорните се запознаени каде се наоѓаат апартманите кои се предвидени за државен карантин? – прашува загрижен станар со кој разговаравме телефонски.
На прашање на OhridNews, попладнево министерот за здравство Филипче на редовната пресконференција директно не потврди дали лица во задолжителен државен карантин ќе се упатуваат во приватни апартмани во колективна станбена зграда во Охрид, но истакна дека мерката се спроведува под строга контрола.
Не се дозволува било каква импровизација со државните карантини. Условите се сосем солидни. Има дежурен лекар за секој карантин од градот, со 24 часа дежурство, доколку на некој му е поптребна здравствена услуга. Во карантин лицата поминуваат 14 дена и тие капацитети се селектирани врз основа на критериуми, како што се пристап и здравствена заштита. – изјави министерот Филипче.
Инаку за реализација на хуманитарните летови, како и за државниот карантин, задолжени се посебни служби во Владата.
ГМ.