Единственото засилување за сега во охридскиот ракометен клуб Мите Караиванов без поголеми проблеми се адаптираше во екипата. Тој треба да биде од голема помош за одбраната и нападот во продолжението од ракометната Супер лига.
– Не случајно го одбрав Охрид. Моите се совпаднаа со амбициите на ракометниот клуб, кој ми има оставено многу добар и силен впечаток. Јас ја знам ситуацијата, која не е најповолна на табелата, но сите заедно и сложно можеме да победиме на преостанатите натпревари во Супер лигата. – рече најновото засилување, Караиванов.
Два пати во дресот на Зомимак корпулетниот ракометар имаше можност да игра пред охридската публика и на двата да забележи победа со неговата екипа.
– Првиот пат кога истрчав во охридската сала беше кога игравме во Првата за влез во Супер лигата. Тогаш, морам да бидам искрен атмосферата беше застрашувачка и до крајот треперевме за победата иако имавме убедлива предност. Вториот пат веќе знаевме што не очекува и бевме подготвени за борба со публиката и играчите на Охрид. – потенцираше Караиванов.
Во четирите преостанати натпревари (Тинекс, Работнички, Пелистер и Металург Јуниор) од регуларниот дел во Супер лигата охридските ракометари немаат право на грешка. Во три дуели ќе се сретнат со директни ривали, а можеби клучен ќе биде првиот со Тинекс Пролет.
– Притисокот е на наша, но и на нивна страна. Можеби како екипа ние сме во предност бидејќи сега од овој аспект гледано нема што да изгубиме. Заостануваме четири бодови и неопходни ни се четири победи, а ништо не е невозможно во ракометот. – заврши Караиванов.
Охридските сини се наоѓаат на седмата позиција со четири бодови помалку од четвртопласираниот на табелата тимот на Радовиш.
Михаил Постоловски