Ракометарите на Вардар по двата порази од европскиот првак Барселона ја загубија првата позиција во Б групата. Каталонците во двомечот со „црвено црните“ се намачија за победи особено на дуелот во Скопје во кој поголем дел од мечот имаа негатива.
– Очигледно, причината за поразот од Барселона треба да се бара во психолошкиот притисок, каде што противникот излезе поуспешен, а ние, и покрај водството со 2-3 гола, сепак не успеавме да издржиме докрај. Што се однесува до судењето, тоа не сакам да го коментирам, наше е да играме – изјави за Нова Македонија, Игор Карачиќ.
Хрватскиот репрезентативец смета дека поразите од Барселона и губењето на лидерската позиција нема влијаат на Вардар во понатамошните наптпревари.
– Нема да нѐ изместат од рамнотежа последните два пораза, а со прикажаната игра досега покажавме дека заслужуваме да бидеме во врвот на нашата група, но и да играме на фајналфорот, што е наша цел сезонава, без разлика кои противници ќе ги добиеме во следната фаза. Со таква цел ќе одиме и на следното тешко гостување кај Киелце. Оптимист сум и верувам дека можеме да славиме – истакна Карачиќ.
Во следната деветта рунда македонскиот првак гостува во Полска кај тимот на Киелце кој беше демолиран во Скопје.
Ohridnews