Барањето на Кризниот штаб на Општина Охрид, кое го слушнав и од градоначалникот, да се воспостави некаква забрана за влез на лица кои таму имаат викендици и викенд станови, е нехуманo, некоректно и епидемиолошки неиздржано. Ова го изјави епидемиологот Караџоски одговарајќи на прашање на OhridNews во рамки на инфо сесијата посветена на коронавирусот Ковид 19, што се одржа попладнево.
Прво такво прашање воопшто не е анализирано. Второ, доколку граѓаните ги почитуваат мерките, може да има Скопје и 2 милиони жители и да се вика Скопје е = на Македонија, ќе не бидне. Затворањето во својата љуштура, во своето гето, кое што велиме ќе се вика „затворено за останатите жители на државата“, прво не е коректно, второ тие луѓе плаќаат данок на општината каде што градоначалникот собира пари од тие луѓе од даноците, трето добива општината помош од државата, и четврто заштитните средства се од овде. Така што затворање на локално ниво или создавање на таканаречени виргинални подрачја во коишто нема да има влез ниту излез на други граѓани се со цел да си се заштитиме ние, не е хумано, не е коректно, не е епидемиолошки издражно и крајно сметајте дека целата држава има Ковид за полесно да спиете. – рече Др. Жарко Караџоски.
Во видео обраќање пред два дена, градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, во име на локалниот Кризен штаб побара од Кризниот штаб на Владата да ја разгледа можноста за воведување на забрана за влез на жители од други општини во Општина Охрид за Велигденските празници и да се зголеми контролата на жителите од Општина Охрид при влез и излез од градот.
Барањето се заснова и на фактот што во Охрид и околните крајбрежни населби има голем број на викенд станови и куќи чии сопственици во периодот на Велигденските и првомајските празници, ги користат за одмор и викенд престој. Врз основа на најавите за поволните временски услови кои се очекуваат во текот на наредните две седмици, оваа мерка е навистина неопходна. – истакна Георгиески.
Георгиески рече дека оваа мерка значително ќе придонесе и за намалување на ширењето на вирусот и заштита на граѓаните на Охрид, со тоа што ќе се оневозможи и редовна комуникација и фрекфенција на граѓаните од територијата на општина Струга и селата од струшкиот регион каде што бројот на заболени од Ковид 19 секојдневно расте. Ова особено се однесува на градежни работиници кои работат на градежни објекти во Охрид, а потекнуваат од струшкото кризно подрачје, додаде тој.
Според министерот за здравство Венко Филипче забрана за движење од еден во друг град практично ќе биде невозможно да се воспостави заради тоа што ќе има полициски час којшто целосно ќе го ограничи движењето во сите денови од празникот Велигден.
Веројартно тоа ќе биде без четврток, но за тоа ќе информираме подетално во наредните денови. – рече Филипче.
Заменик министерот за здравство Арменд Арслани, пак, информираше дека сотојбата во струшко внимателно се следи на терен. Формиран е месен кризен штаб во Лабуништа каде има најмногу заболени од Ковид 19, а во регионот е испратен и епидемиолог на припомош кој ќе им помага на колегите и ќе врши анкети, кои се неопходни за носење на потребните мерки.
Г.М.