Македонската фудбалска репрезентација одигра квалификации (ЕП 2016 во Франција н.з.) за заборав, по што падот на рејтинг-листата на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) беше неминовен (139-то место). По двојната промена на македонската селекторска клупа (Бошко Ѓуровски и Љубинко Друловиќ), во новиот циклус македонските „рисови“ ќе ги предводи Игор Ангеловски, кој во квалификациите за Светското првенство (СП) 2018 во Русија ќе почне со нов капитен, Ванче Шиков (30).

– Самата помисла дека Македонија се наоѓа на тоа место и во друштво со селекции од кои мислам дека сме поквалитетни, само глетката на листата е разочарувачка – вели новиот капитен Ванче Шиков, кој ги брани боите на Австрија Виена.


Под водство на новиот селектор Ангеловски, македонската репрезентација ќе се обиде да ги поправи реномето и загубениот рејтинг. Пред Ангеловски и неговите помошници е „планина за искачување“, за враќање на довербата во националниот тим, но и за враќање на навивачите на трибините. Мечевите против Шпанија и Италија во групата Г ќе бидат фудбалско слатко задоволство.

– Јас сум оптимист, мислам дека фудбалска Македонија може многу повеќе. Имаме нов селектор, со кого вртиме нова страница во македонскиот фудбал, сите заеднички ќе се обидеме да го подобриме лошиот впечаток. Од нас фудбалерите најмногу зависи, со заеднички сили можеме да постигнеме подобри резултати – смета Шиков.

Капитенската лента Шиков ја наследува од поранешната „единица“, голманот Томе Пачовски, кој се повлече од репрезентацијата по мечот со Украина. Шиков во „црвено-жолтиот“ дрес има одиграно 41 меч и има постигнато три гола.

– За мене претставува огромна чест што ќе ја предводам Македонија како капитен и уверен сум дека таа лента нема да ми претставува никаков дополнителен товар. Напротив, тоа ќе ми биде дополнителен стимул. Имам доволно искуство за да одговорам на тој предизвик – вели Шиков.


Шиков во Македонија за пријателските натпревари против Црна Гора (12 ноември) и Либан (15 ноември) доаѓа како лидер на табелата во Австрија. По разочарувачката сезона лани, кога „виолетовите“ не успеаја да изборат место во Европа, сезонава виенска Австрија, под водство на Германецот Торстен Финк, бележи одлични резултати.

– Со Финк на клупата многу работи се променија. Играме многу поагресивно за разлика од лани, токму таа агресивност во играта ни недостигаше. Одлично тргнавме во шампионатот, а кога добро ќе се почне, потоа сѐ е полесно. Финк ни донесе различен менталитет и поинаков пристап кон играта – истакна Шиков.

Во паузата поради меѓународните натпревари, Австрија ќе замине со три бода предност на врвот на табелата пред Салцбург, со кој ремизира во саботата, 1-1. По 15 првенствени кола, Австрија е лидер со 31 бод, Салцбург е втор со 28, Рапид Виена e трет со 25 бода итн.

Мирко Постоловски