Охридското Езеро крие голем ендемизам и реликтни форми и грижата за овој воден еко-систем треба да биде секојдневна, предупредуваат хидробиолозите.
   
Според нив, охридската пастрмка е пред истребување и нивната препорака е езерото да не се дава под концесија. „ Хидробиолошкиот завод треба и натаму да го врши мрестот на пастрмката, а забраната за лов на овој вид риба треба да трае додека не се зголеми нејзината популација“, вели првиот човек на оваа научна установа, Гоце Костоски.
   
Уште во далечната 1934 година, со формирањето на Заводот и неговите мрестилиштни инсталации е отпочнат процесот на  вештачки мрест на охридската пастрмка, со цел езерото да се порибува со нејзиниот подмладок. „Порано се собираше и по 22 милиони икра за вештачкиот мрест, а сега не може да се обезбеди ниту биолошкиот минимум“, вака Костоски ја објаснува лошата  состојба со овој вид риба.„ Капиталот на езерото е предвреме земен“, додава тој. Надежта на експертите е во Законот за рибарство и аквакултура кои ги дава риболовните основи за сите води.
   
За состојбата со езерото се загрижени и еколозите кои укажуваат на неколку, според нив, важни работи. „ Она што треба што поскоро да се направи, е да се приклучат сите објекти кон колекторскиот ситем, а таму каде што не е возможно тоа заради конфигурацијата на теренот, да се изградат мали пречистителни постројки“, вели Ѓоко Зороски, дипломиран инженер по животна средина, кој е член на еколошкото друштво „ Грашница“.Зороски посочува дека е неопходно и чистење на коритата на реките што се вливаат во езерото, а итно треба да се реши и прашањето со цврстиот отпад на крајбрежјето. Според него, водите не познаваат граници, па затоа контактите со албанската страна имаат огромно значење, но треба постојано да се влијае и врз свеста кај граѓаните.
  
Физичко-хемиските и микробиолошките анализи на површинската вода од езерото што ги врши Заводот за здравствена заштита покажуваат дека водата во најголем дел е од прва класа. Оттаму постојано предупредуваат дека потенцијалната опасност доаѓа и од четирите реки што се вливаат во езерото, а кои се од трета и четврта класа. Закана по еко-системот на Охридското Езеро се и деловите каде што не е изграден колекторскиот систем, на потегот од Пештани со Свети Наум и од Струга до Радожда.
   
„Засега, нивото на водата стагнира и е на ниво од 693, 32 метри“, вели Јосиф Милевски од хидролошкото одделение во Управата за хидро-метеоролошки работи и објаснува дека годинава е сушна, поради што езерото во втората половина од мај до средината на јуни не ја достигнало максималната кота, како што  е случај кога има врнежливи години. „ Состојбата со нивото на езерото нема да се влоши, доколку не се испушта вода од него“кажува Милевски.
   
Инаку, новите директиви за управување  треба да овозможат поголема заштита на водите, па и на Охридското Езеро. Генералниот закон за води се уште не  е донесен и е во последна фаза, но ќе биде меѓу првите акти од областа на животната средина  што ќе биде донесен по конституирањето на новиот Парламент“, најавува државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Дејан Пановски. „Сите останати акти кои што се однесуваат на водите, вели тој, ќе бидат усогласени со него“.
   
Кај нас, се уште важи Законот за трите природни Езера, Охридското, Преспанското и Дојранското. Донесен во 1977 година и  повеќе не одговара на актуелните состојби со езерата.

                        Александра Ристоска