Капитални инвестиции ни беа приоритет во 2022, така ќе биде и во оваа година – ќе се градат нови објекти и ќе се реконструираат 30-ина училишта во земјава. Инфраструктурата ќе се подобрува и во високото образование – ќе се работи на нови услови за Универзитетот „Мајка Тереза“, а по подолг период е предвидено да продолжат работни активности на објектите на Факултетот за физичка култура и на ФИНКИ кои беа прекинати.

Ова го соопшти министерот за образование и наука Јетон Шаќири на вториот панел по повод годишнината на Владата – „Капитални и инфраструктурни проекти за подобар квалитет на живот и развој на културата во услови на криза“.

Шаќири рече дека во 2023 заедно со Светска банка ќе се реализира проект за 118 училишта да имаат подобри улови. Мотивација на наставниците, рече тој, покрај платата, за која во 2022 е постигнато 15 отсто зголемување, се и добри услови во училиштата.

Затоа тоа ни е важен приоритет. Во над 100 училишта имаме нови лаборатории – за учениците и за наставниците, рече Шаќири и додаде дека планираниот проект на оптимизација на мрежата на основни училишта не значи помалку наставници туку подобри училишта.

Министерот се осврна и на 2022-ра за која рече дека беше година на предизвици зашто почнала со пандемија, потоа следувал штрајкот на СОНК и заврши со кибер-нападите.

Тој посочи дека и во такви услови МОН донесе наставни програми во основно образование согласно со реформите што се во тек, се работеше на законите за средно и средно стручно, на зголемување на платите на наставниците и обука во насока на нивно мотивирање. Шаќири подвлече дека успешен е концептот за инклузивност, а исто така и дека првпат е зголемен број стипендии од социјални категории и ќе бидат доделени 300 дополнителни стипендии.

Министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, пак, во своето обраќање на панелот рече дека во ова година приоритет ќе биде заштита на спомениците од Народноослободителната војна и ќе се одбележат повеќе јубилеи.

Таа смета дека на големите творци низ македонската културна историја не им биле потребни капитални инвестиции за да ги создадат своите грандиозни дела и порача дека „капитална инвестиција во културата е да градиме простор со љубов во кој ќе живее нашето вчера, денес и нашата иднина“.

Мора да ги заштитиме од времето и невремето темелите на зданијата кои сведочат за нашиот идентитет, за нашата посебна историја. Да ги зачуваме спомениците од НОБ, да ги зачуваме нашите трезори на култура бидејќи се сведоци на се она што ние бевме и на се она што ние и натаму ќе бидеме, рече Костадиновска-Стојчевска.

Во 2023 година ќе се одбележуваат 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, при што, како што рече таа, „на 60-годишнината Скопје мора да доживее т.н. ослободување од стиропорот и невкусот на Скопје 2014-та“.

На панелот таа кажа дека вработените во културата имаат достоинствени плати.

Пред една година кажав дека фокусот на мојот мандат е инвестирање во живата култура. Верувам дека најдобитната комбинација е капитални инвестиции, но и инвестирање во човечкиот капитал кои мора да одат чекор во чекор, рече Костадиновска-Стојчевска на панелот „Капитални и инфраструктурни проекти за подобар квалитет на живот и развој на културата во услови на криза“.

Таа соопшти дека во оваа година ќе бидат одбележани неколку јубилеи: еден век од раѓањето на Ацо Шопов, што ќе почне на 21 март во седиштето на УНЕСКО во Париз, 120 години од Илинденско востание, од смртта на Гоце Делчев и Питу Гули, од објавувањето на „За македонските работи“ на Крсте Мисирков и 70 години од формирањето на Институтот за македонски јазик кој го носи неговото име…

OhridNews