Ова, како што пренесува „Макфакс“ го објави угледниот италијански весник „Кориере дела сера“, анализирајќи ги постапките на капетанот и неговите помошници, кои според обвинителството, ја предизвикале несреќата.
Според римскиот весник, капетанот Франческо Скетино непосредно пред несреќата го повикал шефот на келнерите Антонело Тјеволи на командниот мост и му се обратил со зборовите „Антонело, дојди да видиш, сосема сме близу до твоето Џило“.
Тјеволи требало една недела претходно да замине на одмор, но бил принуден да остане на бродот, бидејќи не му била пронајдена соодветна замена.
Од тие причини капетанот Скетино сакал да му направи услуга и го доближил огромниот брод на карпестото крајбрежје на островото во Тосканија, наведува извор на весникот.
Шефот на келнерите дал изјава за крајбрежните власти која што ќе треба и да и ја повтори на полицијата во рамки на истрагата, во која според последниот биланс, загинаа шест лица, а десетици се водат како исчезнати.
Компанијата Коста крузиз, во чија сопственост е насуканиот брод, го обвини синоќа капетанот на бродот дека сторил грешки при одбирањето на рутата, како и при постапките по несреќата.
Под обвинение за сторено повеќекратно убиство, Скетино е сместен во притвор, поради опасност од бегство.
Даскаловиќ: Нè спаси присебноста, среќата и снаодливоста
Присебност, среќа и снаодливост го спасило македонското семејство Даскаловиќ кое ја преживеаа трагедијата што се случи на бродот „Коста Конкордија“ кој што вечерта на 13 јануари се насука во Тиренското море.
Своите впечатоци за патувањето ја споделија со македонската јавност. Останаа и без документи и пари, но среќни се што се вратија живи во Македонија. Во моментот на несреќата единствена мисла им била како да се спасат и како да го заштитат семејството.
„Најбитно е да бидеш присебен и да го водиш своето дете. Бев подготвена да пливам. Не е ништо мама и тато се тука. Знаеш да пливаш и нема од што да се плашиш“ и велела мајката Нина Даскаловиќ на својата малолетна ќерка.
Околу 18:30 часот семејството отишло на вечера, а потоа ги спакувале своите работи, бидејќи тоа им било последен ден на бродот и заминале на претстава. Во моментот кога бродот се навалил почувствувале еден тап удар на бродот, гребење. „Завесата почна да се навалува, почнаа да паѓаат чаши и снема струја. За кратко време преку агрегатите струја беше обезбедена“ раскажува Миодраг Даскаловиќ.
Семејството веднаш се упатило на четвртиот дек, местото каде што требало да се соберат сите патници во случај на несреќа. Миодраг успеал да земе само три јакни за семејството и се вратил на декот, додека преку разгласот ги убедувале дека се е во ред и дека има само проблеми со агрегатот.
Миодраг вели дека немало толку голема паника, со оглед на тоа што на бродот имало 3.800 патници. Бидејќи биле со малолетно дете имале предност, но велат дека ако главниот екипаж не бил добро организиран, дел од екипажот кои биле на пониско ниво биле добро организирани и ги спасиле. Од бродот ги ставиле во чамец. Спуштањето на чамецот не била лесна работа. Чамецот неколку пати се удрил од трупот на бродот и постоела опасност да се преврти чамецот.
Добра околност, спред нив било тоа што биле блиску до брегот. Бродот го опишуваат како една голема „грдосија“ долга 290 метри, како мал град во кој има 3.800 патници, 1.100 членови на екипажот, најголема театарска сала, ресторани, продавници.
извор:„Макфакс“