Деведесет години старото градско пристаниште во Охрид станува претесно. Поради недостаток на простор и неможност непречено да се користи инфраструктурата, охридските едриличари деновиве се пожалија дека биле приморани да го одложат годинешното издание на „Охрид сејлинг кап“. Обвинија дека владее хаос и беззаконие на пристаништето и дека истото е блокирано од бродови, поради што бараат надлежните институции соодветно да реагираат.
Но, Капетанијата на пристаништата категорично ги отфрла обвинувањата на едриличарите кои, според неа, одговорноста за неодржувањето на спортската манифестација треба да ја бараат кај себе.
„Охрид сејлинг кап“ е спортска манифестација која според законот за внатрешна пловидба мора на време да биде пријавена во Капетанија триесет дена пред одржување заради минимални безбедносни мерки, такво барање до нас не е пристигнато и апсолутно се паушални обвинувањата дека купот не е одржан поради неможноста едрилиците да се спуштат во вода. Пристаништето во Охрид е ограничено со места, имаме бродови, но има и едрилици кои имаат зафатено, максимален број на места. – вели Горан Устијаноски – Раководител на Капетанија на пристаништа Охрид.
Со развојот на туризмот бројот на пловни објекти на Охридското Езеро расте, но тој тренд не го следи инфраструктурата, што според Капетанијата е главна причина за проблемите во водниот сообраќај.
Оваа година влегуваат во езерскиот сообраќај уште два брода. Тоа од една страна потврдува развој, а од друга страна пристаништето станува претесно. – додава Устијаноски.
Еден од многуте ветени, а не реализирани проекти на политичарите
Се очекува до септември да биде одредена локацијата за изградба на неопходната марина на Охридското Езеро, која се најавува со децении, особено во период на избори, но до сега ниту една политичка гарнитура го нема исполтено даденото ветување дека Охрид ќе добие модерна водна инфраструктура.
Г.М.