Македонската православна црква-ОА и Дебарско-кичевската епархија со торжества на 8 и 9 јуни ќе изврши впишување во диптихот на светиите, односно канонизација на Светите Спасе и Спаса Вишенски.
Со канонизацијата се дава датум за празник на светителите. Ќе биде определен денот недела, секогаш пред празникот Спасовден, датумот ќе се менува, но денот ќе остане секогаш недела, бидејќи Спасовден е подвижен празник. Св. Спаса и Св. Спасе се светители исповедници од Османлискиот период. Св. Спаса пострадала маченички на крајот од животот, затоа има и двоен венец, маченички и исповеднички. Додека Св. Спасе гонет поради верата Христова мирно ќе се упокои некаде над Вевчани. Претпоставуваме денес дека тоа е кај манастирот Горни Св. Спас, затоа што на крајот на 2022 година беа откриени некои археолошки пронајдоци што насочуваат кон сето тоа дека тука имаме постаро пештерно живеалиште, вели отец Александар Димоски.
Во сабота, 8-ми јуни, во храмот „Св.Атанасиј Велики“ во село Вишни од 16 часот ќе се служи Воскресна вечерна богослужба и измивање на моштите на Св.Спаса. Од 17 часот во катедралниот храм „Св.Софија“ во Охрид ќе има Воскресна вечерна богослужба, а од 18 часот е пречекот на моштите на Св.Спаса и последен парастос.
Во недела, 9-ти јуни продолжуваат чествувањата во катедралниот храм „Св.Софија“ во Охрид каде во 7:30 часот ќе биде отслужена Утрена воскресна богослужба. Во 9 часот започнува Света архиерејска литургија и објавување на одлуката за канонизација на Св.Спасе и Св. Спаса Вишенски.
Поканети се сите архиереи, а со литургијата ќе чиноначалствува поглаварот г.г. Стефан. Очекуваме гости и од другите помесни цркви, посочува Димоски.
Н.С.Ј.